13 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Асоцијацијата „Сакам да работам“ упати остро отворено писмо до политичарите, предупредувајќи дека предложените измени на Законот за игри на среќа ќе остават десетици илјади луѓе без работа и ќе ги натераат да ја напуштат државата.
Во писмото се изразува разочарување што институциите остануваат глуви на апелите на вработените, а доставувањето на законот до Собранието – само три дена по распишувањето на локалните избори – се оценува како предизборен маневар со тешки последици.
Од „Сакам да работам“ обвинуваат дека игрите на среќа повторно се користат како политичка алатка, при што се игнорираат реалните човечки судбини. „Со право се прашуваме дали и вие мислите дека ние сме мафијаши и картели, па затоа стравувате да нè браните“, стои во писмото.
Тие посочуваат дека зад секое работно место стојат луѓе со кредити, деца, семејства и животни планови, кои сега се доведени во неизвесност. Во писмото се опишува ситуацијата на работник кој со години легално работи во компанија со државна лиценца, со редовна плата и придонеси, и кој преку ноќ е претставен како дел од „општествено зло“.
„Се приближуваат избори, а владата која ви ја издала лиценцата предлага закон што ќе стави клуч на вашата работа. Јавни функционери ве нарекуваат мафија, а вие размислувате како да ги плаќате ратите кога ќе останете без работа. Стравот од извршители и банкрот ве тера да барате работа во странство и да го подготвувате семејството за заминување“, се наведува во сведоштвата.
Асоцијацијата предупредува дека со предложените измени државата ризикува масовно иселување на работници кои лесно ќе најдат ангажман во земјите од ЕУ, каде нивното искуство е барано и добро платено.
Во завршницата, „Сакам да работам“ порача:
„Свесни сме дека се ближат избори и дека секој политички фактор калкулира со гласовите, но ниту една битка за власт не смее да биде поважна од човечките судбини. Застанете во наша одбрана – како што тргнала работава, на крај ќе нема кој да гласа на избори.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден