македонија05 октомври 2024 Денеска Мицкоски ќе присуствува на реконструкција на ГП Деве Баир
Денеска во 13:30 часот претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски ќе присуствува на поставување на камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење со што се означува почетокот од надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир и Ќафасан.
Во рамки на Проектот на Светска Банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, Царинска управа како краен корисник, а во соработка со Министерството за транспорт отпочна со реализација на градежни работи на патните гранични премини од Коридор 8, односно на граничните премини Деве Баир и Ќафасан.
Вкупната вредност за изведба на првата фаза од овие проекти изнесува 118 милиони денари, од кои 96 милиони денари за надградба и реконструкција на граничен премин Деве Баир и 22 милиони денари за реконструкција и надградба на граничен премин Ќафасан. На граничниот премин Ќафасан веќе се започнати градежни активности коишто треба да завршат во период од 6 месеци.
Проектот за надградба и реконструкција на граничниот премин Деве Баир ќе се одвива во две фази.
Првата фаза опфаќа изградба на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, како и целосна реконструкција на постоечката Управна зграда на самиот граничен премин. За оваа намена Министерството за транспорт склучи договор за градежни работи со македонска фирма во вредност од 96 милиони денари. Средствата за оваа намена се обезбедени преку Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан на Светска банка.
Со реконструкцијата на Управната зграда ќе се добијат современи услови за работа на царинските и полициските службеници, а со изградбата на новиот објект на терминалот за стоково царинење покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и службениците од Државниот инспекторат за земјоделие и граничната Фитосанитарна инспекција како и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Воедно процедурите за увоз, извоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе претставува олеснување за економските оператори, а ќе се придонесе и кон скратување на времетраењето на завршување на постапките.