Денес се празнува светиот свештеномаченик Јануариј
Денес православната црква го празнува споменот на светиот свештеномаченик Јануариј, голем епископ и маченик кој со својата вера, храброст и трпение остави траен печат во христијанската историја.
Свети Јануариј бил епископ во Кампанија, Италија, во време на жестокото гонење на христијаните под римскиот цар Максимијан. Изведен пред суд, тој бил мачен на различни начини, но со големо трпение ги поднесувал сите страдања. Кога бил фрлен во оган, со чудо огнот се разладил од невидлива роса и светиот маченик останал неповреден, пеејќи му пофалба на Бога.
Мачителите не запирале: му го стружеа телото со железни четки додека коските не му побелееја, но Јануариј и понатаму трпел незлобливо. Заедно со него страдале и неговиот ѓакон Фауст и чтецот Дисидериј, кои со солзи го следеле страдањето на својот духовен отец. На крај сите биле фрлени во затвор во градот Путеол, заедно со тамошните ѓакони Прокул и Сосиј, како и двајца христијански мирјани — Евтихиј и Акутион.
Осудени на смрт, тие биле фрлени пред ѕверови, но и тука се случило чудо — ѕверовите не ги ни допреле. Конечно, сите седуммина биле погубени со меч. Верните христијани од Неапол тајно го пренеле телото на свети Јануариј и со голема чест го положиле во црква, каде што до ден-денес се случуваат бројни чуда.
Особено е запаметено чудото со една бедна вдовица, на која ѝ умрел единствениот син. Таа со солзи и молитва ја зела иконата на свети Јануариј од црквата и ја положила на мртвото дете, по што — со силата на неговите молитви — синот оживеал.
Свети Јануариј маченички го завршил својот живот во 305 година, но споменот на неговото дело и верата што ја посеал меѓу луѓето живее и денес, инспирирајќи генерации верници.