22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Одбраната на судијата Ѓоко Ристов најави дека преку финансиско вештачење ќе докаже дека 350.000 евра, пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино, не му припаѓаат нему, туку на неговиот татко и мајка и потекнуваат од продажба на имот за поставување фотоволтаици.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, по брифингот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за Слободен печат изјави дека обвинителството, според одбраната, „ја извртува тезата“ за потеклото на парите.
„Она што обвинителството го премолчува, а го знае, е дека родителите на осомничениот пред извесен период продале имот и право на градба и поставување фотоволтаици. Договорот е нотарски заверен, а парите – во износ од над 400.000 евра – се уплатени на сметка на мајката на осомничениот. Постојат и други извори на приходи на таткото и мајката, кои детално ќе бидат образложени во вештиот наод и мислење“, изјави Давидовиќ.
Според одбраната, обвинителството досега не излегло со ниту еден материјален доказ дека средствата му припаѓаат на судијата, туку, како што наведуваат, „ја храни јавноста, ја замаглува вистината и прави конструкции“. Како дополнителен аргумент, Давидовиќ посочи дека записникот од претресот го потпишал таткото на судијата, додека од самиот Ристов не бил одземен ниту еден денар.
Како што објави „Слободен печат“, претресот во домот на судијата и во неговата викендица бил извршен пред околу десетина дена, но не биле пронајдени други инкриминирачки докази. Сумата од 350.000 евра, за која обвинителството се сомнева дека е резултат на кривично дело, била пронајдена во домот на родителите на судијата, оддалечен околу 100 километри од неговото живеалиште.
Давидовиќ дополнително нагласи дека во официјалните документи и јавните изјави обвинителството не понудило доказ дека парите му припаѓаат на судијата, освен, како што рече, „голото и непоткрепено усно тврдење“ на ОЈО ГОКК.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

