македонија11 февруари 2025 Дали ќе се забрани ТикТок? Министерот Андоновски со став за опасните трендови
Опасните трендови на ТикТок повторно ја отворија дебатата за можноста од забрана на оваа социјална мрежа. Најновиот случај – т.н. „парацетамол предизвик“, кој предизвика загриженост во регионот, поттикна реакции и од македонските власти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека евентуалната забрана на ТикТок треба да се разгледува само доколку овие инциденти станат честа и сериозна појава. Според него, едноставни ад хок решенија, како што се целосни забрани, можат да донесат повеќе штета отколку корист.
„Важно е да се најде вистинскиот баланс. Забраните можат да бидат неефикасни и да предизвикаат уште поголем интерес за ваквите содржини. Наместо тоа, потребно е подобро регулирање и едукација, особено кај младите“, нагласи Андоновски.
Дебатата околу ТикТок не е нова, особено во соседна Албанија, каде премиерот Еди Рама веќе неколку пати размислувал за можноста од целосна забрана на платформата. Иако претходно се откажа од таа идеја, последните случувања повторно ја актуелизираа темата.
За сега, македонските власти не планираат драстични мерки, но остануваат внимателни на развојот на ситуацијата. Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи да следи какви трендови се појавуваат на платформата и какви мерки може да се преземат за заштита на младите корисници.