03 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Глобалниот пазар на храна повторно се соочува со притисоци, откако во март беше регистриран нов раст на цените на основните прехранбени производи. Според најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство (FAO), најизразено поскапување има кај растителните масла и шеќерот.
Индексот на цените на храната на FAO во март достигнал просек од 128,5 поени, што претставува зголемување од 2,4 проценти во однос на февруари. На годишно ниво, цените се повисоки за околу еден процент, што укажува на продолжување на нестабилноста на глобалниот пазар.
Клучен двигател на растот се геополитичките тензии на Блискиот Исток, кои предизвикуваат нарушувања во снабдувањето со енергенси. Особено значајни се проблемите со транспортот на нафта преку Ормутскиот теснец, што доведе до повисоки цени на енергијата и вештачките ѓубрива. Овие фактори директно влијаат врз зголемување на трошоците за земјоделско производство.
Дополнителен притисок врз цените создава и зголемената употреба на земјоделски суровини за производство на биогорива, како етанол и биодизел, наместо за прехранбени цели. Овој тренд ја намалува понудата на пазарот и ги турка цените нагоре.
Според извештајот, шеќерот во март поскапел за 7,2 проценти на месечно ниво, најмногу поради најавите дека Бразил ќе пренасочи поголем дел од шеќерната трска кон производство на етанол. Растителните масла забележале раст од 5,1 процент, при што сончогледовото масло поскапува поради ограничената понуда од регионот на Црното Море, додека палминото и репичиното масло растат поради зголемената побарувачка за биодизел.
Цените на житарките се зголемиле за 1,5 проценти, со пораст на цената на пченицата, поттикнат од најавите за суша во САД и очекувањата за послаба сеидба во Австралија. Дел од овој притисок е ублажен од стабилната понуда во Европа.
Млечните производи бележат раст од 1,2 проценти – прв пораст од јули минатата година, додека месото поскапело за околу еден процент, главно поради сезонска побарувачка и намален извоз од одредени земји.
Во посебен извештај, FAO ја зголеми проценката за глобалното производство на житарки во 2025 година на 3,036 милијарди тони, што претставува раст од 5,8 проценти. Сепак, за 2026 година се очекува благо намалување на производството на пченица за 1,7 проценти, на околу 820 милиони тони.
Организацијата предупредува дека нестабилната геополитичка ситуација, високите трошоци за енергија и ѓубрива создаваат значителна неизвесност за идните земјоделски сезони. Ова, пак, може да влијае врз одлуките на производителите и да предизвика дополнителни турбуленции во глобалното снабдување со храна.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

