27 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, предупредува дека ниската минимална плата е еден од клучните фактори за иселувањето на младите од државата и повикува на итно зголемување на нејзиното ниво.
Во изјава за Локално, Цеков истакнува дека Македонија не може да гради стабилна и силна економија доколку мнозинството граѓани живеат со ниски примања.
„Со 400 евра младите нема да останат во Македонија. Македонија не може да биде силна со сиромашен народ“, вели тој, нагласувајќи дека минималната плата треба да достигне најмалку 600 евра.
Цеков посочува дека постои сериозен јаз помеѓу продуктивноста на работниците и нивните примања. Според него, податоците покажуваат дека македонските работници создаваат значајна вредност, но не добиваат соодветен дел од неа.
„Според податоците од меѓународната организација на трудот, продуктивноста на македонските работници во 2025 година изнесува околу 34 долари по работен час, што е повеќе од земји како Србија, Албанија, БиХ и Црна Гора. Тоа значи дека нашиот работник создава висока вредност, но не ја добива правично“, вели пратеникот.
Тој додава дека прашањето за платите не смее да се препушти исклучиво на пазарните сили, особено имајќи го предвид уставниот карактер на државата.
„Македонија според Устав е социјална држава и Владата не смее да се изземе или да остави послабиот да се договара со посилниот“, нагласува Цеков.
Според него, доколку државата навистина бележи висок економски раст – како што се тврди дека е меѓу водечките во Европа – тогаш тоа мора да се одрази и врз животниот стандард на граѓаните.
„Ако сме трета економија во Европа според раст на БДП, тогаш зошто да не бидеме први на Балканот според минималната плата?“, прашува Цеков.
Пратеникот заклучува дека без фер распределба на создадената вредност, економскиот раст ќе остане без вистински ефект врз квалитетот на живот.
Тој апелира Владата да преземе поактивна улога во заштитата на работниците и да обезбеди политики кои ќе гарантираат достоинствен живот и задржување на младите во земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

