Четворица скопјани се теретат за криминална шема од затворот Идризово
МВР информира дека СВР Струмица поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство против четири лица од Скопје, осомничени за извршување на кривични дела изнуда и лихварство. Двајцата од осомничените – А.Б. (31) и А.Р. (25) – веќе издржувале затворски казни во Казнено-поправната установа Идризово, каде преку нелегално поседувани мобилни телефони реализирале шема на уцени и закани.
Според информациите од МВР, А.Б. и А.Р. преку апликацијата „Фејсбук Месинџер“ стапиле во контакт со мајка на затвореник, од која барале 1.200 евра месечно за наводна „заштита и подобри услови“ за нејзиниот син. Во текот на комуникацијата, тие и испраќале видео повици при кои демонстрирале насилство врз нејзиниот син, со цел да ја уценат и исплашат.
Криминалната активност продолжила надвор од затворот. На 23 мај 2025, браќата на осомничените – Е.Б. (27) и Р.Р. (20) – по претходен договор се сретнале со мајката во Струмица за да ја подигнат договорената сума. Е.Б. бил уапсен во моментот кога ги примил парите, кои биле претходно обележани од полицијата. Р.Р. се обидел да побегне, но бил брзо лоциран и приведен. При приведувањето, кај Е.Б. биле пронајдени парични средства во повеќе валути и различни апоени, за кои немал документација за потеклото, поради што истите биле одземени.
Во исто време, биле извршени претреси во затворските ќелии на А.Б. и А.Р. во Идризово од страна на Одделот за организиран и насилен криминал при МВР, при што биле пронајдени и одземени два нелегални мобилни телефони.
По завршувањето на полициската истрага, сите четворица осомничени биле изведени пред судија од Основниот суд во Струмица, кој на Е.Б. и Р.Р. им изрекол мерка куќен притвор.