Бугарскиот пратеник Костадинов: Во С. Македонија цитирање на бугарски е кривично дело
Во своето обраќање пред бугарското Народно собрание, пратеникот Костадин Костадинов остро ја критикуваше судската постапка што се води во Битола против Љупчо Георгиевски, бугарски државјанин и поранешен претседател на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“. Според Костадинов, станува збор за уште едно од, како што рече, „многуте политички судења“ кои се водат против Бугари во Република Северна Македонија.
„Во Битола започна уште едно од многуте политички судења против уште еден Бугарин. Името на обвинетиот е Љупчо Георгиевски, претседател на сега веќе поранешниот клуб ‘Иван Михајлов’. Клубот сè уште постои, но под друго име, откако во Македонија беше донесен закон што ги таргетираше бугарските клубови – особено ‘Иван Михајлов’ во Битола и ‘Цар Борис Трети’ во Охрид“, изјави Костадинов.
Тој тврди дека постои тенденција во македонската држава да се третира историјата како злосторство и дека самото споменување на бугарски историски фигури претставува кривично дело. Како посебен апсурд, го истакна фактот што Георгиевски е обвинет за тоа што цитирал зборови на Иван Михајлов – историска личност и водач на ВМРО – на литературен бугарски јазик.
„Историјата не е злосторство, а сеќавањето не се осудува. Вака е насекаде, освен во Република Северна Македонија, каде што историјата на Бугарија е третирана како криминал, а Бугарите како криминалци по претпоставка“, додаде тој.