Бугарскиот министер В'лчев: Иднината е во вештачката интелигенција – ни се потребни повеќе програмери
Бугарскиот министер за образование и наука, Красимир В'лчев, изјави дека иднината му припаѓа на вештачкиот интелект и оти образовниот систем мора сериозно да се насочи кон развој на кадри што ќе можат да програмираат и работат со вакви технологии. Тој зборуваше на вториот панел „Новото знаење во медиумите“ на 20. Светска средба на бугарските медиуми, организирана од Бугарската телеграфска агенција (БТА).
„Инвестициите во образование и наука носат највисока општествена добивка, иако таа често доаѓа со големо задоцнување и е тешко мерлива“, рече министерот В'лчев. Тој додаде дека секое општество кое се стреми кон напредок и просперитет мора да се потпира на своите наставници, научници и истражувачи.
В'лчев потенцираше дека идните децении ќе бидат бележани со уште подлабоки и пошироки дигитални трансформации. „Тоа ќе биде ера на вештачка интелигенција, а ние мора да имаме повеќе луѓе кои ќе знаат да ја развиваат. Пример за такви професионалци се кадрите од Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии – INSAIT, при Софискиот универзитет ‘Св. Климент Охридски’“, рече бугарскиот министер.
„Потребни ни се повеќе ученици со добри резултати по математика – тоа е еден од најголемите предизвици“, истакна тој.
В'лчев додаде дека, и покрај направените напори за поддршка на бугарската научноистражувачка дејност, уште многу треба да се направи. „Како министер, искрено се надевам дека ќе успеам да го убедам бугарското општество дека образованието и науката мора да добијат уште поголема поддршка“, нагласи В'лчев.
Тој потсети дека токму научната револуција е таа што драматично го трансформирала човештвото во изминатите 500 години и ја истакна улогата на образовните и институционалните промени во тој процес.
Министерот упати и честитки до БТА за организацијата на Светската средба на бугарските медиуми, која од година во година се збогатува со сѐ подлабоки и поквалитетни дискусии. Годинешната тема беше „Медиуми и знаење“, а настанот ги обедини бугарските новинари од 25 држави – вклучително и од самата Бугарија.