Бугарски медиум: Игор Јанушев има бугарски пасош, прадедо му се борел за бугарштината?
Според пишувањето на бугарскиот портал Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Игор Јанушев, кој е исто така истакнат член на партија ВМРО-ДПМНЕ, е сопственик на бугарската компанија „ФЛУГБАН ТРАНС“ ООД, регистрирана во Ќустендил уште од 2015 година. И покрај неговата активна политичка улога во Северна Македонија и јавните изјави против вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав, Јанушев редовно патува во Бугарија заради надгледување на својот бизнис.
Според истражување на бугарскиот портал Lupa.bg, Јанушев поседува бугарско државјанство стекнато по потекло. Неговото семејство има длабоки корени во бугарското ослободително движење. Неговиот прадедо, Димитар Јанушев, бил член на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМРО) за време на османлиското владеење. Во 1943 година, Димитар поднел барање за пензија во кое изјавил дека неговата цел била „да работи против заедничкиот непријател на бугарштината — Турчинот и Србинот“. Исто така, тој учествувал во Првата светска војна како дел од четата на Петар Лесев, познат велешки војвода од ВМРО.
Историските извори укажуваат дека четата на Лесев извршила репресии врз некои села со србоманско население, вклучувајќи ги Долгаец, Маргари, Гостиражни, Костинци и Богомила. Современата македонска историографија често ги припишува овие дејствија на бугарската армија, занемарувајќи ја улогата на ВМРО и локалните бунтовници.
Во контекст на оваа историја, се поставува прашањето за личната и политичката конзистентност на Игор Јанушев, кој, иако е носител на бугарско државјанство и сопственик на бизнис во Бугарија, активно се спротивставува на вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав и е дел од партија со антибугарска реторика. Ова отвора дискусија за прашањата на личниот идентитет, политичката искреност и историската меморија во односите меѓу Скопје и Софија.
Овие тврдења се пренесени од бугарскиот медиум Lupa.bg и не претставуваат ставови или потврдени информации на порталот Вестимак. До објавувањето на овој текст, Игор Јанушев не се огласил ниту ги потврдил овие информации.