Бугарска комисија упати протестно писмо за притисоците врз Бугарите во РСМ
Бугарската парламентарна Комисија за политики за Бугарите надвор од земјата усвои протестно писмо поради, како што се наведува, сериозните и зголемени притисоци врз бугарската заедница во Република Северна Македонија. Претседателот на Комисијата, Стојан Таслаков, го објави заклучокот, а информацијата беше потврдена од партијата „Вазраждане“.
Повод за вонредната седница е случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на веќе избришаниот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, кој е предмет на судски процес. Таслаков испратил официјален протест до амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси-Поповска.
Тој изјави дека во Северна Македонија евидентно се засилува бран на институционален и јавен притисок врз Бугарите со бугарска самосвест. „Случајот буди сериозна загриженост и го доведува во прашање почитувањето на демократските принципи – слободата на изразување, културната идентичност и правото на фер судење“, истакна Таслаков.
На седницата присуствуваа и претставници од бугарското Министерство за надворешни работи, кои ја потврдија поддршката за Георгиевски и бугарската заедница во Северна Македонија.
Во протестното писмо се изразува сериозна загриженост за зголемените притисоци врз Бугарите во Северна Македонија и се нагласува дека таквите постапки се во спротивност со европските вредности и со принципите на правната држава.
Комисијата бара итно запирање на притисоците врз лицата со бугарско национално чувство, обезбедување фер судски процес за Љупчо Георгиевски, како и активирање на билатералниот дијалог за заштита на правата на Бугарите во државата.
Писмото е потпишано од претседателот и членовите на комисијата и ќе биде испратено до амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот суд за човекови права.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија, на 22 мај беше издадена официјална позиција, во која се изразува очекување за праведна судска одлука и отфрлање на, како што наведуваат, неоснованите обвиненија против Георгиевски. „Но, дури и фер одлука нема да може да ги избрише последиците од годините на силен притисок и нарушен личен живот на македонскиот Бугарин“, додаваат од МНР.
Министерството подвлекува дека не само конечниот исход, туку и целокупниот процес на спроведување на притисокот остава трајни последици. Институцијата останува цврсто посветена на заштитата на правата на македонските Бугари, вклучително и на Георгиевски, преку ангажирање со партнерите од Европската унија.