16 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во периодот од јуни 2024 година, кога ВМРО–ДПМНЕ ја формираше Владата, заклучно со декември 2025 година, владиниот авион бил употребен околу 40 пати, без да се сметаат летовите за сервисирање и двата специјални лета – медицински транспорт и евакуација на граѓани. Податоците, обезбедени од Службата за општи и заеднички работи, покажуваат дека најчеста дестинација на владиниот „лирџет“ била Будимпешта.
На релацијата Скопје – Будимпешта се летало седум пати во анализираниот период, што ја прави унгарската престолнина најпосетувана дестинација со владиниот авион. Овој тренд се поклопува со зачестените политички и институционални контакти меѓу двете влади.
Од членовите на Владата, најмногу летал министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николовски. Тој го користел владиниот авион вкупно 11 пати, од кои шест пати патувал токму во Будимпешта.
Еден од поинтересните случаи е од 12 јануари минатата година, кога авионот бил на сервис во германскиот град Нирнберг. По завршувањето на сервисот, леталото било упатено во Будимпешта, каде го презело Николовски, по што се вратиле во Скопје.
Покрај Будимпешта, Николовски летал и во Лондон, Прага, Виена и Истанбул. При еден од летовите кон Истанбул, авионот не се вратил директно во Скопје, туку направил застанување во Охрид. Во дел од делегациите бил и поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски.
Повеќе од сите министри, владиниот авион го користела претседателката Гордана Силјановска Давкова – вкупно 13 пати. Таа патувала до Тиват, Подгорица, Тирана, како и до Рим, Истанбул и Копенхаген.
Претседателот на Собранието Африм Гаши го користел владиниот авион седум пати. На три од тие релации бил придружуван од сопругата. За летот од Скопје до Џеда, Саудиска Арабија, како корисник е наведен претседателот на Собранието, но во документацијата не се наведени имињата на патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски го користел владиниот авион три пати. Еднаш патувал до Будимпешта, а на 10 август заминал за Сплит. Во тој период дел од медиумите објавија дека премиерот ќе помине неколку дена на одмор во Хрватска. Тој летал и до Тирана. За летот од Скопје до Белград, во документите е наведено дека корисник е „претседател на Влада“, но графата за патници останува празна.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски исто така трипати го користел владиното летало – за Ротердам, Белград и Стразбур. Во еден случај летал и до Прага, но патувањето било организирано од Министерството за енергетика, транспорт и земјоделие.
Два лета биле организирани од Министерството за надворешни работи за специфични цели – транспорт на повредени од пожарот во Кочани и евакуација на македонски државјани од Израел.
Министерката за енергетика Божиновска летала двапати – до Белград и Прага. Министерот за локална самоуправа Златко Перински бил во Будимпешта со уште четворица членови на делегација. Со владиниот авион патувале и министерката за образование Весна Јаневска и поранешниот министер за животна средина Изет Меџити, и тоа до Лондон.
Според податоците, во период од година и половина владиниот авион бил употребен околу 40 пати, не сметајќи ги деветте сервисирања, како и двата специјални лета – медицински и за евакуација. Леталото е наменето исклучиво за институциите под надлежност на Владата, а трошоците за негово користење се покриваат од државниот буџет.
Во план е набавка на уште еден ваков авион, што отвора дополнителни прашања за потребата и оправданоста на ваквата инвестиција во услови на зголемена употреба на владиниот воздушен транспорт.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

