македонија04 февруари 2025 Бубевски: Постапката е проширена и против родителите на обвинетиот Васил Јованов
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски информираше дека обвинителството ги следело сите стандардни процедури во случајот со трагично загинатата Фросина Кулакова. Тој потврди дека постапката е проширена и против родителите на обвинетиот Васил Јованов, кој управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола.
Во гостувањето на Телевизија Телма, Бубевски изјави дека обвинителството презело неопходни мерки за прибирање и анализа на доказниот материјал, вклучувајќи видео снимки и експертизи за брзината на возилото. Утврдено е дека Јованов поминал на црвено светло, што, според него, дополнително ја зголемува кривичната одговорност и внесува умислен аспект.
„Умислата тука се подразбира. Сторителот бил свесен за своите дејствија, а сепак се согласил со последиците. Возење под дејство на алкохол, со брзина над дозволената, влегување на пешачки премин при црвено светло – сето тоа покажува дека умислата е дефинирана“, изјави Бубевски.
Обвинителот потврди дека истрагата е проширена и против родителите на обвинетиот. Министерството за внатрешни работи добило наредба да ги испита околностите поврзани со возилото – кој го финансирал неговото гориво, од кога е во сопственост и кој го користел.
„Испитуваме дали родителите свесно му овозможиле пристап до возилото, што претставува средство за предизвикување општа опасност“, додаде тој.
Во однос на претходните кривични дела на Јованов, Бубевски потсети на случајот од 2023 година, кога тој удрил во друго возило, полесно повредувајќи сопатничка, но завршил само со парична казна. На прашањето како можел толку долго да вози без дозвола и да остане неоткриен, обвинителот посочи дека превенцијата започнува од самите граѓани и семејствата.
„За да спречиме вакви случаи, сите мора да преземеме одговорност – од семејството па натаму“, истакна тој.
На прашањето дали обвинителството преиспитува како постапувало во минатото во врска со Јованов, Бубевски рече дека биле почитувани сите законски процедури.
Тој додаде дека клучниот проблем е системската одговорност и дека за да се спречат вакви трагедии, мора да има промени во однос на одговорноста, а не во самите казни, кои според него се веќе адекватни.
Фросина Кулакова од Неготино беше прегазена на 29 јануари годинава додека преминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје.
Дваесет и двегодишната девојка загина од ударот на дваесетгодишниот Васил Јованов, кој возел под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминал на црвено светло. Јованов доби мерка притвор од 30 дена, а претходно против него имало кривични пријави за сообраќајна незгода и недозволена употреба на дрога.