Британски Тајмс открива: Македонија дел од нов план за мигранти – со поддршка од ОН!
Македонија би можела да стане една од третите земји на Балканот кои ќе примаат одбиени баратели на азил од Велика Британија, открива британскиот весник The Times, повикувајќи се на официјални документи и изјави на владини извори. Според написот, Обединетите нации го дале своето одобрение на планот на британската Лабуристичка влада за депортирање на мигранти во трети земји – меѓу кои се наведени и Северна Македонија, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина.
Планот поддржан од ОН, со услови за човекови права
Според информациите, британската министерка за внатрешни работи, Ивет Купер, минатиот месец имала состанок со шефот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), каде се дискутирало за нов модел – мигрантите кои ги исцрпиле сите можности за жалби во Обединетото Кралство, да бидат испраќани во кампови или населби во земји од Западен Балкан. УНХЦР го поддржал концептот под услов да не се нарушат човековите права на мигрантите, а истовремено понудил свои предлози за подобрување на процесот.
Во официјален документ на ОН стои дека третата земја која ќе ги прими мигрантите мора да им додели привремен правен статус, да обезбеди соодветни услови за живот и прием, како и слобода на движење. Наместо класични мигрантски кампови, се препорачува создавање на мигрантски населби кои ќе овозможат интеграција и достап до основни услуги.
Дополнително, ако матичната земја на мигрантот одбие да го прими назад, земјата домаќин ќе мора да го продолжи легалниот престој на лицето, предвидуваат документите на ОН.
Северна Македонија без транспарентност
Иако официјалните информации од британска страна сè поотворено го посочуваат планот, во Македонија истиот се чува под превез на тајност. Во текстот на The Times се вели дека Македонија ќе потпише договор со Велика Британија, но тој сè уште не е објавен од македонските власти.
Според информациите од Лондон, министерот за транспорт и врски Александар Николоски утре ќе го потпише договорот, откако денеска ќе се сретне со министерката Купер – иницијатор на планот за пренасочување на мигранти во трети држави. Интересно е што не се објаснува зошто токму министерот за транспорт на Македонија учествува во ваков договор, кој по природа е прашање на внатрешна и надворешна политика.
Растечка загриженост
Покрај објективните прашања околу транспарентноста и националната безбедност, се поставува и етичкото прашање – дали Македонија е подготвена да се соочи со нов предизвик во мигрантската криза и дали се создадени услови за прифаќање на лица од ваков тип, без нарушување на домашниот социјален и економски баланс?
Додека од Лондон доаѓаат јасни пораки дека вакви планови веќе се ставаат во движење, од македонските институции се очекува брза и транспарентна реакција пред јавноста – за да се разјасни дали и под кои услови државата ќе се вклучи во овој меѓународен процес.