Братска донација од бугарскиот народ: Кислородни апарати, душеци и термометри за болницата во Кочани
Градската општа болница во Кочани доби значајна донација од фондацијата „Гората.бг“ од Република Бугарија – чин кој претставува пример за вистинска хуманост и меѓународна солидарност. Донацијата содржи современа медицинска опрема која директно ќе придонесе за подобрување на здравствените услуги и условите за лекување во установата.
Од фондацијата „Гората.бг“ беа донирани медицински концентратори на кислород, инхалатори, дигитални апарати за мерење на крвен притисок, стетоскопи, антидекубитални душеци, пулс оксиметри и друга корисна медицинска опрема. Овие уреди се од особена важност за грижата за пациенти со хронични и акутни заболувања и ќе го олеснат секојдневното работење на медицинскиот персонал.
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани изразува голема благодарност до фондацијата „Гората.бг“ од Република Бугарија. Тие донираа медицински концентратори на кислород, медицински инхалатори, медицински уреди за мерење на крвен притисок – механички, медицински уреди за мерење на крвен притисок – дигитални, медицински дигитални термометри, медицински стетоскопи, антидекубитални душеци и медицински пулс оксиметри.
„Уште еднаш сакаме да изразиме голема благодарност до фондацијата и нашиот сограѓанин кој живее и работи во Република Бугарија, Дарко, како и до Никола Рахнев,“ се наведува во објавата на в.д. директорката Кристина Серафимова на социјалната мрежа Фејсбук.
Овој хуман гест е уште една потврда дека грижата за здравјето нема граници и дека заедништвото и солидарноста се клучни вредности кога е во прашање доброто на заедницата. Болницата во Кочани, пациентите и медицинскиот тим сега се побогати не само за нова опрема, туку и за едно пријателство кое инспирира.