02 февруари 2026
• од Гоце Кически
Во време кога Северна Македонија сè уште тагува по трагедијата во Кочани, пристигна вест што носи надеж и човечка топлина. Амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Поповска, врачи признание на софиската болница УМБАЛСМ „Н. И. Пирогов“ за исклучителната грижа и пожртвуваност во лекувањето на најтешко повредените млади лица по катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани.
Признанието го прими извршниот директор на болницата, д-р Валентин Димитров, кој се заблагодари за укажаната чест и ја потврди посветеноста на „Пирогов“ за обезбедување врвна специјализирана медицинска помош за сите пациенти на кои им е потребна.
За време на посетата, амбасадорката Поповска се сретна со тимот на Клиниката за изгореници и пластична и реконструктивна хирургија, меѓу кои и проф. д-р Маја Аргирова, д-р Мартин Попов, д-р Мартин Мартинов, д-р Мартин Љубомиров и вонр. проф. Богдан Младенов. Таа изрази искрена благодарност до целиот медицински персонал, нагласувајќи дека токму нивната стручност, брза реакција и човечка посветеност биле клучни за тоа сите деца и млади пациенти да преживеат и успешно да закрепнат.
Од болницата информираа дека дел од пациентите и понатаму се под редовен медицински надзор и контроли, со цел да се обезбеди целосно закрепнување и рехабилитација.
Трагедијата што се случи на 26 март 2025 година во Кочани однесе 63 млади животи и повреди повеќе од 200 лица. Бугарија беше меѓу првите земји што понудија помош, при што десетици повредени беа транспортирани на лекување во болници во Софија, Варна и Пловдив. Најтешките случаи беа згрижени токму во „Пирогов“, уште еднаш потврдувајќи ја репутацијата на оваа установа како водечки центар за итна и специјализирана медицинска нега во регионот.
Додека семејствата на загинатите во Кочани продолжуваат со неделните протести познати како „Марш за ангелите“, барајќи правда и одговорност за трагедијата, ова признание претставува потсетник дека во најтешките моменти, солидарноста и хуманоста не познаваат граници.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

