14 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Основниот кривичен суд – Скопје денеска донесе нова пресуда во повторената постапка за случајот „Меѓународен сојуз“, со која обвинетите добија пониски казни во однос на првичната одлука од 2022 година.
Бојан Јовановски – Боки 13 е прогласен за виновен за кривичните дела „измама“ и „перење пари“, за што му е изречена единствена казна затвор од пет години.
Јасна Ерцегович доби две години затвор за „перење пари“, при што времето поминато во домашен притвор ќе ѝ се пресмета во казната.
Христина Блажевска доби условна казна од една година затвор за „перење пари“, која нема да се изврши доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Миле Јовановски е осуден на една година и шест месеци условна казна за „перење пари“, со ист услов како и кај Блажевска.
Правното лице – организацијата „Меѓународен сојуз“ – е казнето со парична казна од еден милион денари.
Во првостепената пресуда од 7 април 2022 година, Кривичниот суд имаше изречено вкупно 14 години затворски казни за обвинетите.
Тогаш, Бојан Јовановски беше осуден на девет години затвор за „измама“ и „перење пари“,
Јасна Ерцегович на четири години,
Христина Блажевска на една година,
а Миле Јовановски на две години условно за „перење пари“ и „неовластена трговија со оружје“.
Со тој акт, Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска беа ослободени од обвинението за „измама“, а правното лице „Меѓународен сојуз“ доби парична казна од еден милион денари.
Во април 2024 година, Апелациониот суд во Скопје ја поништи првичната пресуда, прифаќајќи дел од жалбите на обвинетите, и наложи повторување на постапката.
Во таа одлука, Апелацијата го потврди ослободителниот дел за Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска во однос на делото „измама“, а ја преиначи казната за Миле Јовановски, кој сега е осуден на една година затвор за „неовластен промет со оружје“.
Случајот „Меѓународен сојуз“ се однесува на организирана криминална активност која, според обвинението, вклучувала измами и перење пари преку невладината организација со исто име, предводена од Бојан Јовановски.
Преку оваа организација биле прибирани финансиски средства од физички и правни лица под изговор за изградба на домови за стари лица и други социјални проекти, кои потоа биле злоупотребени за лична корист.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден