Блаже Аризанов: Во времето на Гоце Делчев немало македонски етнички национализам
Во последните денови на Фејсбук се појавија коментари и дискусии за илустрацијата со натпис „Македонија на Македонците“ како наводен доказ за постоење на македонски етнички идентитет уште во времето на ВМРО и Гоце Делчев. Но, ако внимателно се погледне оваа илустрација, ќе се види дека таа всушност покажува сосема спротивно: дека тогашниот национализам бил граѓански, а не етнички.
На левата страна на споделената илустрација се гледа женски лик кој силно потсетува на Маријана (Marianne) од Француската револуција — симболот на слободата, граѓанството и борбата против монархијата. За споредба, од десната страна е приложена илустрацијата на самата Маријана, каде исто така држи меч и знаме — симболи што директно се поврзуваат со републиканските и граѓанските идеали.
Маријана во Француската револуција не претставувала етничка Французинка, туку граѓанка на новата република. Таа симболизирала цивилен национализам: идејата дека францускиот идентитет не се дефинира според крв или потекло, туку според учеството во заедничкиот политички проект — граѓанството. Оваа идеја се проширила низ Европа и Латинска Америка, каде слични женски симболи се појавиле во борбите за национално ослободување, како Мајка Русија или Колумбија.
И токму тоа го покажува илустрацијата поврзана со ВМРО: наместо етнички национализам, таа промовира граѓански национализам, каде „Македонија на Македонците“ значи обединување на сите жители на Македонија — без разлика на нивното етничко потекло — во заедничката борба за слобода. Тоа е универзалистичка, анти-монархистичка порака, која повикува на политичка, а не етничка припадност.
За споредба, етничкиот национализам во Европа подоцна добива сосема друга симболика: маскулина, воинствена, со ликови на војници или светци. Доволно е да се погледнат амблемите на Наполеон III или Вишиевата Франција, како и германските симболи од тоа време, за да се види разликата.
Заклучокот е јасен: „Македонија на Македонците“ во времето на Гоце Делчев значело „Македонија за сите граѓани на Македонија“, а не „Македонија за етничките Македонци“. Илустрацијата не е доказ за етнички идентитет, туку за граѓанска визија на идната македонска држава.
Автор: Блаже Аризанов