12 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ нема да започне со издавање казни од 1 јануари, како што беше првично најавено, туку од 1 февруари 2026 година. Ова официјално го потврди Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дека одложувањето е резултат на тековните тестирања и технички прилагодувања на системот.
Од МВР информираат дека тест-фазата и понатаму се спроведува во Скопје, како и во Тетово и Куманово, градови во кои паралелно со главниот град треба да започне автоматизираното санкционирање. Јавноста во моментов е особено фокусирана на состојбите во Скопје, каде што се регистрирани и најголем дел од досегашните прекршоци за време на тестирањата.
Според резултатите од теренските проверки, дел од камерите не ги регистрираат прекршоците со очекуваната прецизност, особено кога станува збор за мали надминувања на дозволената брзина. Поради тоа, во МВР се разгледува можноста за воведување праг на толеранција.
Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека ова прашање е предмет на анализа, но нагласи дека конечна одлука сè уште не е донесена.
Во моментов, со камери се покриени повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и делови од коридорите 8 и 10. Сепак, дел од уредите сè уште не функционираат целосно или не се соодветно калибрирани. Најголем број од досега регистрираните прекршоци потекнуваат од скопската обиколница, каде што системот, во рамки на тестирањето, издал опомена за едно надминување на брзината.
Од МВР нагласуваат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари 2026 година. До тогаш ќе продолжи тестирањето и калибрацијата на опремата, со цел да се обезбеди техничка прецизност и правична примена на санкциите.
Дополнителниот еден месец, според надлежните, треба да овозможи темелна проверка на сите технички параметри, но и да им даде време на возачите да ги приспособат своите сообраќајни навики пред почетокот на автоматизираното казнување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

