02 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Советот на Општина Струга донесе одлука да го продаде службеното возило „Ауди А6“, кое беше набавено за време на мандатот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко. Возилото, за кое општината во 2018 година платила 67.000 евра, сега ќе се продава на јавно електронско наддавање со почетна цена од само 10.000 евра.
Одлуката за продажба беше поддржана од повеќе советници, кои оценуваат дека набавката на луксузното возило не била во согласност со реалните потреби и приоритети на граѓаните на Струга.
„И ние како советничка група, заедно со неколку други советници, гласавме за продажба на ова возило од проста причина што многу добро знаеме во какви околности беше купено и во какво време. Тогаш Струга имаше далеку посериозни проблеми кои требаше да се решаваат, наместо да се купува луксузно службено возило“, изјави за телевизија Алфа, Коста Хиохи, советник од ВМРО.
Според важечките законски прописи, за возилото била пресметувана годишна амортизација од 15 отсто, при што неговата моментална проценета вредност изнесува 618.602 денари, односно околу 10.000 евра.
Од Општина Струга информираат дека почетната цена на продажбата ќе биде еднаква на проценетата вредност утврдена од овластен проценител, додека конечната цена ќе се формира преку постапката на јавно електронско наддавање.
„Крајната продажна цена ќе се утврди во зависност од интересот на учесниците во наддавањето“, наведуваат од општината.
Инаку, „Ауди А6“ како службено возило било користено шест години, а во тој период било поправано двапати – во март 2024 и во јануари 2025 година. За сервисирањата и поправките, од општинскиот буџет биле потрошени околу 4.000 евра.
Продажбата на возилото се гледа како обид за рационализација на трошоците и симболичен чекор кон поодговорно управување со јавните средства.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

