22 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, утрово преку објава на Фејсбук му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, охрабрувајќи го да покаже лидерство и да постапи како албанскиот премиер Еди Рама – со решителност да ги урне дивоградбите во Чаир.
Арсовска откри дека во изминатите два месеца „молчела“, бидејќи, како што тврди, Мицкоски заедно со градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, оделе по амбасадите и се жалеле дека таа со објавувањето на криминалот со дивоградбите во Чаир ја загрозува коалицијата со Влен.
„Со месеци, заедно со твоето ‘дипломатче’, плачевте по целиот дипломатски кор дека имаш проблем со коалицискиот партнер поради Чаир. Демек, јас, една жена, ви правам многу проблеми“, напиша Арсовска.
Таа го обвини Мицкоски дека со своите кадри свесно го креира хаосот во градот, особено околу проблемот со ѓубрето, за кој, како што вели, „ќе го решеле за 72 часа“.
„Нормално дека лесно ќе го решите проблемот што сами го создадовте. Знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие четири години?“, му порача Арсовска.
Според неа, партиските структури на власта реагираат експресно кога станува збор за пријави од нивни членови, но молчат кога таа укажува на криминал во Чаир:
„Финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции два дена откако ќе пријави твој партиски другар. А јас шест месеци пријавувам и чекам заеднички да одиме во Чаир и да ти го покажам криминалот.“
Откако нивниот коалициски партнер Влен го доби Чаир, Арсовска го повика Мицкоски да покаже лидерство и да почне со рушење на дивоградбите:
„Сега кога коалицискиот ти победи во Чаир, ајде биди и ти лидер како Еди Рама – сруши сè што не е безбедно за скопјани. Или на Изет уште не смееш да му писнеш?“, порача градоначалничката.
Објавата на Арсовска доаѓа во момент на зголемени тензии меѓу неа и владејачката коалиција, особено по серијата меѓусебни обвинувања околу управувањето со градот, јавната хигиена и дивоградбите. Нејзината порака наиде на големо внимание на социјалните мрежи, а јавноста очекува реакција од страна на премиерот и надлежните институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден