18 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Апелацискиот суд во Скопје ја потврди пресудата на Граѓанскиот суд со која новинарот и поранешен претседател на ЗНМ, Насер Селмани, е осуден за клевета и навреда по тужба поднесена од ТВ Канал 5 и нејзиниот директор Иван Мирчевски. Случајот отвора сериозни прашања за границите на слободата на говорот, судската пракса во предмети од јавен интерес и ризикот од користење на тужби како средство за замолчување критички гласови.
Спорот произлегува од изјава што Селмани ја даде во ноември 2023 година, на панел дискусија во студиото на ЦИВИЛ, односно на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА. Тој тогаш изјави дека „инцидентот во Канал 5 не го чуди“ и дека „медиумскиот простор сѐ уште служи како огласна табла на партиите“.
Судот оценил дека Селмани не успеал да докаже дека „медиумите сè уште се контролирани од партиите и владата“ и дека директорот вршел притисок врз новинарите, поради што пресудил во корист на тужителите. Иако не е досудена парична оштета, Селмани е обврзан да ги плати адвокатските трошоци и да објави дел од пресудата во дневен весник.
Во својата јавна објава, Селмани предупреди дека не станува збор за личен случај, туку за прашање што може да има „несогледливи последици врз слободата на говорот“ во Северна Македонија.
Селмани потсети на настан од 2023 година кога директорот на телевизијата се вмешал во дебатна емисија, се обидел да оттурне гостин и му наредил на новинарот да ја прекине емисијата. Овој инцидент тогаш беше осуден и од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Поддршка за Селмани изрази и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦИВИЛ МЕДИА. Тој оцени дека станува збор за јасно искажан личен став и вредносен суд, што во демократско општество треба да ужива засилена заштита, особено кога се однесува на прашања од јавен интерес. Дерала најави и нов разговор со Селмани за притисоците врз слободата на изразување.
Селмани во својата реакција укажа дека ваквите постапки имаат карактеристики на т.н. SLAPP тужби (Strategic Lawsuits Against Public Participation) – стратешки тужби насочени кон обесхрабрување на јавна дебата преку правен и финансиски притисок.
Во 2024 година, Совет на Европа ја донесе Препораката CM/Rec(2024)2 за борба против злоупотребата на SLAPP тужби. Во документот се потенцира обврската на државите да обезбедат безбедна и поволна средина за учество во јавна дебата, без страв од санкции, особено кога станува збор за политичко изразување и прашања од јавен интерес.
Препораката нагласува дека слободните избори, слободата на изразување и политичката дебата се темел на секој демократски систем, и дека ограничувањата на таквото изразување треба да бидат исклучок, а не правило.
Селмани ги повика новинарските здруженија и организациите за заштита на медиумските слободи внимателно да ја следат оваа судска пракса. Тој апелираше и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и до амбасадите на САД, Германија, Франција и Велика Британија, да ги информираат своите влади за, како што вели, „негативната судска пракса“ што може сериозно да ја ограничи слободата на говорот во земја кандидат за членство во ЕУ.
Судскиот процес траеше повеќе од две години, а истата телевизија и нејзиниот директор покренаа постапки и против други новинари, вклучително и против Дерала, поради колумна поврзана со истиот инцидент. Според Селмани и неговите поддржувачи, ваквата пракса создава „ефект на одвраќање“ (chilling effect), со што се намалува подготвеноста на новинарите и јавните личности да зборуваат критички за прашања од јавен интерес.
Овој случај ја става во фокус тензијата меѓу заштитата на угледот и слободата на изразување, но и прашањето дали судската пракса во Северна Македонија е во целосна согласност со европските стандарди за заштита на јавната дебата.
Вучиќ предупредува на напади од сите страни — дали Белград се плаши од Бугарија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

