18 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, вечерва преку социјалните мрежи соопшти дека следната недела планира да закаже седница на Постојаната анкетна комисија во Собранието, по претставката поднесена од родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од Здружението 16 Март. На седницата ќе се разгледуваат наводите поврзани со страшната трагедија во дискотеката ‘Пулс’, а официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите,“ напиша Апасиев.
Нешто пред неговата објава, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, информираше дека неговата партија веќе утре ќе поднесе предлог за свикување седница на истата комисија, со цел да се обезбеди целосно и независно испитување на сите околности околу трагичниот настан.
„Оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на институциите, утврдување на политичка одговорност и дефинирање мерки за вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторуваат. Ги повикувам сите пратеници да ги поддржат иницијативите,“ истакна Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денеска го избегна директниот одговор дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на родителите. Тој упати дека клучните информации за случувањата ќе станат јасни на претстојниот судски процес.
„Мислам дека ваков тип соочување со јавноста многу скоро ќе следи кога ќе почне процесот во суд. Таму ќе можат граѓаните и медиумите да дознаат што се случувало,“ рече Мицкоски.
Иницијативите на Левица и СДСМ доаѓаат во момент кога јавноста продолжува да бара одговорност за трагедијата во која животот го загубија млади луѓе, а семејствата и натаму инсистираат на темелна истрага и транспарентност од институциите.
Ахмети му честита на Хамза: ПДК е државотворна партија и наследничка на УЧК
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

