01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, жестоко реагираше на начинот на кој се распределуваат буџетските средства, посочувајќи ја апсурдната ситуација во која државата троши стотици илјади евра за патни трошоци на пратеници, додека во исто време нема средства за основна противпожарна опрема.
„Чини околу 100.000 евра. Колегите пратеници од другите партии годишно трошат по околу 300.000 евра за патни трошоци. Тоа се пари за три вакви ѕверови за гасење пожари“, истакна Јанчев, алудирајќи на специјализираните противпожарни камиони.
Според неговата пресметка, за еден пратенички мандат се трошат средства доволни за набавка на 12 вакви возила, додека во текот на два мандати — дури 24. „Тоа е доволно за една целосна моторизирана тактичка противпожарна единица составена од 24 камиони и 72 пожарникари“, додава тој.
Јанчев објасни дека овие возила се специјално дизајнирани за непристапни и шумски терени, со 6x6 погон, капацитет од 6.000 литри вода и 360 литри пена, и моќен воден топ што фрла до 40 литри во секунда на далечина од 100 метри.
„Сè има, ама ништо нема, оти пари за вакви работи нема. За патни трошоци и уште милион глупости има, ама затоа и изгорени шуми има“, изјави Јанчев, критикувајќи ги приоритетите на власта и институциите.
На крај, со остар тон, Јанчев порача: „Секој со приоритетите. Пак да си ги гласате“, апелирајќи до граѓаните да размислат за кого го даваат својот глас, особено кога јавните средства завршуваат на непродуктивни трошоци наместо во системи за заштита и безбедност.