26 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во подкастот „Почетна Пресметка“, аналитичарот Благојче Атанасоски изнесе сериозна анализа за, како што вели, длабоко вкоренетиот српски културен и духовен код во македонското општество, кој со децении останал непрепознаен или игнориран.
Атанасоски посочи на, според него, двојните стандарди во јавните реакции, особено кога станува збор за изјави од странски политичари и функционери во однос на македонскиот идентитет и државност.
„Имаме високи функционери од Србија кои отворено изјавуваат дека Македонија е ‘втора српска држава’, а на тоа речиси никој не реагира. Но кога некој ќе каже ‘Јужна Србија’, тогаш веднаш следуваат реакции и осуди“, истакна Атанасоски.
Тој направи споредба и со реакциите на изјави од бугарски политичари, потенцирајќи дека македонската јавност далеку погласно реагира кога доаѓаат од Бугарија, додека слични или дури поекстремни ставови од српска страна минуваат незабележано.
„Кога некој од Бугарија ќе каже дека Македонија е втора бугарска држава, тоа со право нè вознемирува. Но зошто не нè вознемирува кога истото го слушаме од српска страна? Тоа е доказ за постоење на еден скриен српски свет, инсталиран преку медиумите, но и длабоко во менталниот и духовниот културен код на Македонецот“, нагласи аналитичарот.
Според него, проблемот не е само политички, туку и културен, а корените на ова влијание се видливи во секојдневието – од медиумите, па сè до музиката и народните обичаи.
„Почнувајќи од тоа што го зборува и Љупчо Георгиевски, па сè до музиката – на македонските свадби се почнува со српска песна и се завршува со српска песна. Тоа не е случајно“, вели Атанасоски.
Тој предупреди дека без сериозна дебата и свесност за овие појави, изградбата на автентичен македонски идентитет останува невозможна.
„Ако навистина зборуваме за автентичен македонски идентитет, тогаш мора да си ги поставиме овие непријатни прашања. Очигледно е дека сме се научиле да живееме во тој културен и духовен српски свет и тоа веќе не ни пречи – а токму тоа е најголемиот проблем“, заклучи Атанасоски.
Изјавите отворија сериозна тема за улогата на културата, медиумите и јавниот дискурс во обликувањето на националната самосвест, тема која, според аналитичарот, предолго била потиснувана од јавната дебата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

