01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
На денешната прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, остро се спротивстави на усвоените измени на законите за полиција и Министерството за внатрешни работи, предупредувајќи дека тие претставуваат сериозен удар врз професионализмот, безбедноста и демократијата во земјата. Социјалдемократскиот сојуз упати јавен апел до претседателката Гордана Силјановска-Давкова да не ги потпишува указите за стапување на сила на, како што ги нарекоа, „скандалозни, недемократски и антиевропски закони“.
„Овие измени го укинуваат професионализмот во полицијата и ја претвораат во инструмент на политичка принуда. Ова не е реформа – ова е манифест на авторитаризам“, истакна Чупеска.
Според неа, со новите законски решенија, министерот за внатрешни работи Тошковски добива неограничена моќ, вклучително и право самостојно да предлага и назначува раководни кадри без професионални критериуми. Укинувањето на условите за искуство и стручност за клучните позиции, според СДСМ, отвора врата за масовна партизација на полицијата, дури и вклучување на лица со криминално минато на раководни функции.
Особена загриженост предизвикуваат и новите можности за масовно следење преку биометриски податоци без адекватен надзор, што е спротивно на европските стандарди за заштита на приватноста и човековите права.
„Ова е удар врз граѓаните, врз демократскиот поредок и врз суверенитетот на државата“, потенцираше Чупеска, додавајќи дека измените се спротивни на Европскиот кодекс за полициска етика и на принципите на оперативна независност.
СДСМ ја повика претседателката Силјановска-Давкова да ја искористи својата уставна позиција и да застане на страната на правната држава, одбивајќи да потпише закони што, според нив, водат кон полициска држава.
Партијата најави и дека ќе поднесе официјална елаборација до амбасадите на ЕУ, САД, ОБСЕ, Советот на Европа, како и до домашни институции, алармирајќи за „опасноста од институционално деградирање и партиска злоупотреба на полицијата“.
„Нема тивко и бесчујно да дозволиме оваа власт да ја претвори полицијата во партиска милиција“, заклучи Чупеска.
Социјалдемократите порачаа дека нема да молчат пред овие, како што ги оценија, авторитарни тенденции и ќе ја користат секоја демократска алатка за спротивставување на ваквиот развој на настаните.