Амбасадорот Жељазков им врачи свидетелства на ученици во чест на бугарските просветители Кирил и Методиј
Во пресрет на Денот на бугарските просветители Светите Кирил и Методиј, во четврток вечерта во уметничката галерија на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје беше отворена изложбата „Во почетокот беше буквата“. Изложбата е подготвена од Кирило-Методиевскиот центар при Бугарската академија на науките (БАН) во соработка со Националниот археолошки институт со музеј при БАН, Научниот архив на БАН и Националниот историски музеј.
Концептот и идејниот проект на изложбата се дело на проф. д-р Славија Бурлиева, доц. д-р Маја Иванова и доц. д-р Десислава Најденова, додека за уметничкиот дизајн е заслужна Ивелина Велинова. Изложбата беше претставена од проф. Бурлиева, која беше дел од бугарската делегација на Генералното собрание на Европската културна рута „Св. Кирил и Методиј“.
Поставката е посветена на 1150-годишнината од Моравската мисија на Светите браќа и создавањето на словенското писмо. Преку 20 информативни постери, изложбата го прикажува развојот на писменоста на територијата на денешна Бугарија: натписи на камен, керамика и метал на старогрчки, латински, глаголица и кирилица; појавата на старобугарската книжевност и значајни ракописи во славистиката; користењето на словенските азбуки од средниот век, преку преродбата, до современоста.
Светите Кирил и Методиј се сметаат за сесловенски просветители, но во бугарската историографија и културна традиција се чествуваат и како бугарски просветители, поради тоа што делото на нивните ученици било продолжено токму во Првото бугарско царство, каде што била развиена кирилицата и старобугарската книжевност.
Првпат изложбата беше претставена во Братислава во 2013 година, а потоа беше изложена во повеќе наврати низ Бугарија и во странство, меѓу кои во Австрија, Германија, Италија и Полска. Подготвени се верзии и на словачки, германски, италијански и полски јазик.
Свеченоста во Скопје беше искористена и за да се одбележи завршетокот на учебната 2024/2025 година на бугарското викенд-училиште „Здравеј“. Учениците добија свидетелства и дипломи за учество на меѓународни натпревари, кои им беа врачени од амбасадорот на Република Бугарија во Северна Македонија, Жељазко Радуков. Учениците, во чест на празникот, подготвија културна програма посветена на Светите Кирил и Методиј со која ги поздравија присутните.