23 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, изјави дека не ги смета за сериозни реакциите на поединци кои останале надвор од партиските структури по одржувањето на петтиот Конгрес на ДУИ. На брифинг со медиумите, Ахмети нагласи дека станува збор за „две или три лица“ кои јавно реагирале, додавајќи дека оние кои си заминуваат од партијата поради немање функции, слободно можат да го сторат тоа.
Тој го спомена и Абдил Селам Селами, за кого рече дека се извинил и дека останува лојален на ДУИ.
„Оние што си одат затоа што немаат функции – нека си одат“, беше дециден Ахмети.
Според лидерот на ДУИ, партијата се залага за национален договор за развој, бидејќи, како што оцени, граѓаните се уморни од дневната политика која служи исклучиво за партиски интереси.
„Кога имавме храброст да го направиме Охридскиот договор, Преспанскиот договор и договорот за добрососедство со Бугарија, зошто да не направиме и национален договор за развој, со вклучување на најдобрите експерти во земјата“, изјави Ахмети.
Тој повторно го нагласи барањето за уставни измени, истакнувајќи дека во иднина Владата треба да се избира со двојно мнозинство, а Бадентеровиот принцип да се применува и во Уставниот суд. Според него, ова ќе биде услов за учество во управувањето.
Ахмети оцени дека Охридскиот договор не бил совршен, бидејќи е компромисен, но посочи дека постои простор за негово унапредување доколку се појави потреба. Тој упати критики и кон двете стопански комори, обвинувајќи ги дека создаваат поделби и ги штитат интересите на олигарсите.
Во својот настап, Ахмети испрати и остри политички пораки:
„Нема никој во Македонија што знае подобро од мене како се прави национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981–2001. Но, ако го слушнете мојот говор на Конгресот, ќе видите дека не се занимавам со други партии. Тие не нудат одржливо решение“, рече тој.
Според Ахмети, планот А останува развојот и напредокот на државата, изразувајќи надеж дека нема да се дојде до план Б.
„Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови“, додаде тој.
Говорејќи за коалицијата НАИ, Ахмети рече дека договорот со Тачи не му штети на Фронтот. За Зијадин Села, пак, оцени дека во клучните прашања е дел од НАИ, но дека настојува да изгради сопствен политички идентитет, сметајќи дека е во сенка на ДУИ.
Ахмети изрази сомнеж дека Села ќе го поддржи Невзат Бејта за градоначалник на Гостивар, додавајќи дека Села не склучува тајни договори, бидејќи тие брзо излегуваат на виделина.
На крајот, беше најавено дека ДУИ напролет ќе одржи тематски конгрес, на кој ќе се водат разговори со партиската база, по што ќе се донесе одлука за идната идеолошка насока на партијата.
Социјалната Помош и Пензискиот Фонд на Работ на Колапс – Што Да Очекуваме?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

