08 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Али Ахмети, испрати силна и рефлексивна честитка, повикувајќи на враќање кон вредностите на заедништвото и еднаквоста кои го одбележаа Илинденското востание од 1903 година.
Ахмети потсети дека пред 122 години, Албанците, Македонците и другите заедници се обединиле во заедничка борба за слобода и правда, предводени од заеднички идеали и цел – создавање општество на еднакви. Тој ја истакна важноста на тогашната визија, која се темелела на рамноправно владеење и заедничка одговорност.
Во својата порака, Ахмети изрази загриженост за денешната состојба во земјата, нагласувајќи дека „денес, 2 август нè наоѓа не заедно, туку едни наспроти други“, со тенденции на етничка супремација и маргинализација. Тој остро критикуваше дека по сите напори и децении придонес за еднаквост, денес Албанците се „множат со нула“ во процесите на креирање и спроведување на политики во речиси сите сфери: администрација, дипломатија, безбедност, култура, здравство, образование, економија и европска интеграција.
Ахмети предупреди и на обидите за укинување на принципите на Охридскиот договор, кој, според него, претставува „модерен Крушевски манифест“. Притоа ги наведе обидите за исклучување на албанскиот јазик од службена употреба, укинувањето на механизмите како Бадентеровото мнозинство и балансерот, политички мотивираното судство, како и промовирањето на моноетнички концепти како „повторно твоја“.
Честитката содржи и критика за, како што вели, поданичкиот однос на „мала група Албанци“ кои без легитимитет од народот и без визија, служат единствено на желбата за власт, наместо на интересите на граѓаните.
Во завршниот дел од пораката, Ахмети истакна дека Албанците се определени за унитарна и праведна Северна Македонија – еднаква за сите нејзини граѓани, членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Тој апелираше до сите граѓани за заемно почитување и вреднување, за работа во насока на еднаквост и заедништво, и за надминување на поделбите.
„Овој дом не треба да го третираме како 'твој' или 'мој', туку како наш“, заклучи Ахмети во својата порака.