23 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
По три години поминати во Скопје, десеттата американска амбасадорка во земјава, Ангела Агелер, се збогува со македонската јавност преку отворено и емотивно писмо. Во него таа прави пресек на својот мандат, зборува за предизвиците и тешките одлуки, за борбата против корупцијата, но и за силната верба што, како што истакнува, ја носи со себе – вербата во граѓаните на Македонија.
Агелер нагласува дека од земјава заминува со чувство на длабока благодарност и чест што имала можност да ја претставува својата држава, оценувајќи го периодот поминат тука како исполнет со значајни моменти и искрено партнерство.
Една од централните теми во нејзиното обраќање е борбата против корупцијата и воведувањето санкции за поранешни и актуелни функционери. Според Агелер, вистинското пријателство не значи премолчување на проблемите, туку јасно и отворено соочување со нив.
„Тоа значи прозивање на корупцијата и криминалните организации, придонес кон судските реформи и санкционирање на оние кои ве крадеа со години без да бидат казнети“, пишува таа, потенцирајќи дека токму ваквите чекори се неопходни за изградба на правна и функционална држава.
Во писмото, Агелер се осврнува и на клучните успеси од билатералната соработка, особено во 2025 година, кога беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Како значајни достигнувања ги наведува зајакнувањето на безбедносниот капацитет преку НАТО, набавката на современи тактички возила и заедничките воени вежби на полигонот Криволак. Посебно место има и напредокот во најголемиот инфраструктурен проект досега, со отворањето на Коридорите 8 и 10, кои, според неа, имаат клучно значење за регионалната безбедност, трговијата и економскиот развој.
Дополнително, таа ја истакнува соработката во областа на енергетиката, управувањето со минералните ресурси, сајбер безбедноста и заштитата на животната средина, како основа за одржлив економски напредок.
Амбасадорката отворено признава дека односите не секогаш биле едноставни. Партнерството, како што вели, понекогаш подразбирало тешки и искрени разговори за прашања што длабоко ги засегаат двете држави.
„Не секогаш се согласувавме, и тоа е во ред“, наведува Агелер, додавајќи дека токму преку тие моменти пријателството меѓу двете земји созреало и прераснало во подлабока и посилна врска.
Во завршницата на писмото, Агелер упатува силна и лична порака до граѓаните – да не се откажуваат од своите соништа и од борбата за подобра иднина.
„Бидете добри, бидете храбри, бидете силни и јас ќе навивам за вас на секој чекор“, порачува таа, уверувајќи дека САД ќе останат цврст сојузник и партнер на Македонија на патот кон посилна, стабилна и целосно интегрирана евроатлантска иднина.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

