Адвокатот Страшевски: Ќе се повлечам ако има еден доказ дека Палевски ги убил Вања и Панче
Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во интервју за емисијата „Претрес со Ландов“ изјави дека не постои ниту еден доказ што го поврзува неговиот клиент со грозоморните убиства. Тој отворено порача дека, доколку се појави дури и еден конкретен доказ за вината на Палевски, тој ќе се повлече од случајот и ќе ѝ се извини на јавноста.
„Ако има еден доказ дека Палевски ги убил Вања и Панче, ќе се повлечам и ќе ѝ се извинам на јавноста“, изјави Страшевски, додавајќи дека нема намера да ги насочува сомнежите кон никого без основа.
Според него, клучниот сведок во процесот, Велибор Манев, кој директно го обвини Палевски за извршувањето на убиствата, дал лажен исказ пред судот. Страшевски тврди дека со тоа Манев сторил кривично дело, и ја доведува во прашање неговата веродостојност.
Палевски, пак, преку писмо, го обвинува Манев дека е вистинскиот извршител. Адвокатот не ја исклучува можноста дека меѓу нив постоеле недоразбирања, но нагласува дека не е докажано ниту сопствеништвото на оружјето кое се поврзува со убиствата. Според него, пиштолот што наводно бил користен, исчезнал заедно со ташната на Боре Видевски на релација Велес – Скопје, и до денеска не е пронајден.
Во разговорот, Страшевски откри и детали за тоа како се решил да го застапува Палевски. Признава дека, како и многу други адвокати, на почетокот одбил да го преземе случајот, но подоцна се согласил. Иако прво изјавил дека ќе го брани про боно, подоцна појасни дека, доколку ја добие постапката, ќе си ги наплати трошоците, но не преку никакви донации од политички партии.
На тврдењата дека ќе биде награден со автомобил или стан од партијата Десна, Страшевски остро реагираше: „Партијата Десна не ми треба, јас сум горд член на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави тој.
Случајот продолжува да ја бранува јавноста, а изјавите на адвокатот Страшевски само го зголемуваат интересот околу тоа што навистина се случило и кој стои зад убиствата на Вања и Панче.