09 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претставникот на ДУИ, Арбер Адеми, жестоко реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за борбата против корупцијата, обвинувајќи го дека зад неговата реторика се кријат токму луѓето кои ја држат економската моќ во земјата – олигарсите создадени од криминалната приватизација.
Според Адеми, десетмина најбогати луѓе во Република Северна Македонија – сите од македонска етничка припадност – контролираат заедничко богатство од 3,24 милијарди евра. Поголемиот дел од оваа имотна моќ, тврди тој, потекнува од „мрачниот“ период на транзицијата, кога јавните добра биле претворени во приватна сопственост.
„Седум од десетте најмоќни компании во земјата се производ на криминалната приватизација. Денес тие луѓе не ја контролираат само економијата, туку и политиката,“ изјави Адеми, нагласувајќи дека вистинската борба против корупцијата треба да започне токму од таму – од корените на неправдата.
Адеми му порача на Мицкоски дека, пред да зборува за корупција, треба „да погледне лево и десно“ – кон олигарсите кои се создадени од поранешните влади на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и „да погледне напред – во својот одраз на прозорецот на луксузниот автомобил што го вози во име на народот“.
„Оние што ги држат клучевите од Maybach и Mercedes автомобилите, се истите луѓе што му ги предадоа клучевите на власта. Тоа се олигарсите,“ порача Адеми, додавајќи дека токму тие, а не обичните граѓани, се вистинските центри на корупција и влијание.
Во продолжение, Адеми го повтори ставот на ДУИ и на Националната алијанса за интеграција за спроведување на целосен и бескомпромисен ветинг на процесот на приватизација – процес кој, според него, претставува една од најголемите неправди во поновата економска историја на државата.
„Без расчистување со овој криминален багаж од минатото, нема ниту правична економија, ниту вистинска демократија,“ потенцира Адеми.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден