14 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Младите во С. Македонија и понатаму се соочуваат со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина, предупредуваат од Здружението „Хера“. Тие укажуваат дека високата невработеност, неквалитетното образование, недостатокот на младински здравствени услуги, слаба институционална поддршка, корупцијата и недостигот на безбедни јавни простори ги принудуваат младите да ја бараат својата иднина надвор од земјата.
Според официјалните податоци, 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години припаѓаат на групата NEET – млади кои ниту се вработени, ниту се во образовен процес или обука. Овој процент е значително повисок од европскиот просек и претставува сериозен сигнал за системска негрижа. Националната стратегија за млади 2023–2027 покажува дека младите имаат ограничен пристап до услуги, слабо учествуваат во јавниот живот и имаат ниска доверба во институциите – повеќе од две третини сметаат дека не се вклучени во донесувањето одлуки, а дури 70% не се заинтересирани за политиката.
Дополнително, 51,4% од младите веруваат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби, а 73,7% никогаш не биле консултирани од институциите при носење одлуки. Повеќе од 74% од младите не припаѓаат на ниту една организација или форма на организирање.
Иако Законот за младинско учество и младински политики е на сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини формирале младински совет, а стратегии за млади постојат во само 7 општини. Голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторска поддршка.
Проблематично е и менталното здравје: 64% од девојчињата на 15 години имаат две или повеќе психосоматски тегоби најмалку еднаш неделно, а 53% од истата возрасна група имаат депресивно расположение. Насилството е во пораст, а „Хера“ бара итно воведување програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.
Здружението повикува до локалните и националните власти, особено пред претстојните локални избори, изборните програми да се подготват во консултација со младите. Клучни предлози се:
Од „Хера“ нагласуваат дека иселувањето на младите нема да се спречи со кампањи за патриотизам или повици за зголемување на наталитетот, туку со долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот. Локалната власт, велат, е првата линија на контакт со младите и токму таму треба да започнат промените.
Апелот е јасен: младите да се третираат како рамноправни партнери во креирањето на иднината, а не како маргинална група за која се полага сметка само на хартија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден