05 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На денешен ден, 5 септември, се навршуваат 16 години од една од најтешките бродски несреќи во поновата историја на Македонија. Во 2009 година, туристичкиот брод „Илинден“ потона во Охридското Езеро, трагедија во која животот го загубија 15 бугарски туристи.
Несреќата се случи околу 11 часот наутро, на стотина метри од брегот кај кампот Елешец. На бродот имало 57 туристи од Бугарија, најмногу постари лица кои дошле на екскурзија. „Илинден“, изграден уште во 1924 година, имал дозволен капацитет за 45 патници, но на кобниот ден бил преоптоварен. За само неколку минути пловилото исчезнало под водата, оставајќи зад себе паника и очај.
Жртвите потекнувале од градовите Пирдоп, Златица, Челопеч и Антон во Бугарија. Спасувањето било особено тешко поради возраста на патниците, но благодарение на брзата реакција на бродчињата „Александрија“ и „Кристина“, многумина успеале да се извлечат живи.
На местото на несреќата веднаш пристигнале претставници на македонските институции, а во спасувачката акција биле вклучени и граѓани. Бугарската влада веднаш испрати воен авион „Спартан“ за да ги пренесе телата на загинатите во нивната татковина. Настанот предизвика огромна жалост и во Македонија и во Бугарија, зајакнувајќи ги чувствата на солидарност меѓу двата народа.
И денес, по 16 години, оваа трагедија останува врежана во колективното сеќавање како потсетник за важноста на безбедноста во сообраќајот и почитувањето на пропишаните стандарди. Охрид и Македонија секогаш ќе се сеќаваат на загинатите туристи, чиј одмор заврши во трагедија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден