Создавањето на нациите
Учените денеска, нацијата ја дефинираат како социоконструктивистичка творба која се создава кон крајот на 18-тиот и почетокот на 19-тиот век. Односно, по Француската буржоаска револуција во 1789 година, почнува процесот на создавање на нациите –држави, од кои во прв ред, тука се формираат француската и англиската нација-држава. Историските околности на тлото на Европа во 19 тиот век, создадваат услови и за создавање на грчаката нација-држава, па дури и за формирање на државата Белгија, која денеска скоро двесте години подоцна, нема изграден национален белгиски идентитет. Односнот помеѓу Големите сили, нивните прекршени интереси на Балканскиот полуостров, носат тектонски политички промени на Балканите. Имено по Источната криза, и востанијата во Херцеговина, Априлското во Бугарија, и Разловечкото востание во Македонија, на Берлинскиот конгрес во 1878 година, се создадени нови нации-држави на Балканскиот полуостров. Србија, Црна Гора и Романија ги потврдуваат своите независни територии, додека на зелена маса во Берлин е одлучено Санстефанска Бугарија, да биде разделена на Кнежество Бугарија и Источна Румелија како две одделни автономни покраини. Етнографската територија на Македонија се враќа повторно во составот на Османската империја, со што се поставил своевиден еквилибриум ( баланс) на Балканите. Кон крајот на 19-тиот век веќе биле создадени голем број од денешните балкански нации-држави: Грција, Србија, Бугарија, Црна Гора и Романија. Единствено не биле формирани македонската и албанската нација –држава. Прекршените интереси на Големите Сили, пред се на Австро-унгарската империја и на Руското царство, кои имале директни несомнени интереси на Балканите, доведуваат до балансирање на моќта на полуостровот. Херцеговина , Србија, па дури и Албанија, кои се наоѓаат на западниот дел на Балканот, биле во сферата на Австро-унгарската империја, додека Бугарското кнежество и Источна Румелија, биле во доменот на рускиот радар. Единствено етнографска Македонија, која го заземала средишниот дел на полуостровот, со стратешки битниот трговски град на море-Солун, била територија на која се „ кршеле дипломатските копја“, на овие две големи европски сили во преден план, па потоа и на сили како Велика Бритинија, Франција, па дури и Италија.
Впрочем, покрај геополитичките интереси, суштински елемент во создавањето на една модерна нација-држава е и јазикот како нормиран, кодифициран комуникациски код на една територија. Митолошките димензии на нацијата се врзивно ткиво на народот ( заедницата) која ја сообразува таа создадена нација-држава. Дури и денес најлибералните и најпрогресивни нации ( како што се француската, англиската и германската), во историските периоди во кои се конструирале, граделе трансисториски мит, кој допирал векови и векови назад во историјата. Денес, малите раскарани, балкански држави се уште не можат да ги надминат етнонационалистичките митови на кои се изградени и уредени како нации држави во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Некои големи нации, немале среќа да создадат политичка заедница ( држава) во која ќе се развиваат културолошки, социоекономски, општествено, и од секаков друг аспект. Класичен пример за такви нации се : курдската, баскиската, каталонската и др. , кои и покрај тоа што имаат создадено чувство на национална припадност ( заедништво), со свој јазик како комуникациска придобивка, тие нации, се наоѓаат во рамките на една/ или повеќе држави, раскинати помеѓу нивните државни граници. Денеска, се мисли дека нацијата е иреверзибилен ( неповратен) процес, односно еднаш формирана и создадена нација, не може да исчезне. Примерот со Прусија, која исчезнала од мапата на Европа во 19-тиот век, и на малата Црна Гора, која била независна и призната држава на почетокот на 20 тиот век, за да после Првата светска војна биде анектирана во рамките на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците“, се само мали примери кои упатуваат дека по прашањето на иреверзибилноста на процесот на создавањето на нациите , треба да бидеме внимателни. Денес, во овој мултиполарен развиен свет со утврдени граници и меѓународно право, секако е тешко , дури и невозможно една држава-нација да биде анектирана ( а со тоа и збришана од картата на светот), но огромната депопулација, и масовното иселување од балканските и источноевропските земји, отвара замисла, дали на среден и долг рок, некои мали етнонации , и покрај тоа што денес во 21 век имаат свои национални држави, ќе бидат на работ на исчезнување.
Автор: Благојче Атанасоски, Магистар по политички науки