Скопје 2028, инцидент или шанса?
Facebook статус на Никица Корубин
Скопје 2028, културна престолнина на Европа е голема вест, огромна.
И покрај тоа што е парадокс, момент на визија и креативност, дадена опција која беше добро искористена.
И покрај тоа што одржлива стратегија во културата, апсолутно нема. И покрај тоа што стратегија за заштита и управување со културното наследство е апсолутно непостоечка и непожелна.
И покрај тоа што националниот интерес, кој никогаш не стана јавен интерес, е сведен на бесконечно “згрижување” на поединци, (омилениот партиски жаргон), преку формирање на нови, на ништо втемелени (без горенаведената стратегија) национални установи, како и формално, несуштинско одржување на старите.
Затоа што, и покрај тоа што сме парламентарна демократија, демократија и пазарно општество, свеста во културата (со минорни исклучоци) е истата социјалистичко/комунистичка потреба од ексклузивно (државно) финансирање. Без “нашите пари”, нема ли култура?
И токму затоа треба да се искористи оваа шанса, која доаѓа од “ЕУ не ни треба”. Како спас или фикција, зависи од нас.
И токму затоа треба отворено, искрено и без задршка да се честита на сите оние (малкумина), кои идејата ја прифатија, реализираа и остварија; За да не мора сами да се огласуваат, за да се легитимираат кои се.
Институционалната меморија е прашање на добро поведение, воспитание и свест за институционалноста по која сите “плачат” и државата која сите “ја спасуваат”. Прашање на континуитет, кој мистериозно исчезнува кога заслугите треба да се приграбат.
Каква културна престолнина ќе бидеме 2028 е дискутабилно. Можеме да фантазираме, а можеме и да ламентираме. Ама, едно е јасно. Работите се движат. А, во моментов само тоа е важно. За сите нас.