Денко Малески: Денес не треба никој пред никого да клечи
Со заедничка негрижа, не го апсолвиравме нашето комунистичко минато согласно вистината, која налага некаде и ние да бараме прошка. Следеше вандализирање на спомениците на партизанската генерација, чии животи беа цената на нашата слобода. Меѓу запустените партизански споменици беше и оној од Ваташа…
Во порака до социјалдемократите, водачот на партијата на македонските националисти Христијан Мицкоски, со еден популистички, непримерен јазик, од Ваташа ја обвини владата дека, заради својата политичка кариера, за ден повеќе на власт, е подготвенa дури и ваквите моменти да ги заборават.
Ги обвини дека сакаат да го избришат споменот за злосторството, онака како што ги „избрусиле“ звездите од Вергина за да го заборавиме нашето (античко?) минато.
Во порака до бугарската влада, пак, рече дека треба на Ваташа да дојде нејзин претставник, да клекне и да бара прошка за стореното злосторство, „па тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за какво било опростување, за каква било прошка“.
Повика никогаш да не го заборавиме стрелањето на дванаесетте младинци, чин кој треба сите да нѐ обедини. Да нѐ обедини во што, не рече. Но, од кажаното и од тонот лесно се заклучува дека ова беше повик за обединување во омраза.
Потврдата дека е така дојде на самиот собир: нечија рака инспирирана од зборовите на Мицкоски ја искина и ја фрли лентата од венецот на нашите пријатели од Бугарија, кои, раководени од својата совест и желбата за пријателство и помирување, дојдоа на комеморацијата.
Во нивниот повик до членовите на клубот за бугарско-македонско пријателство да дојдат во Ваташа се вели: „Се навршуваат осумдесет години од убиството во 1943 година, без суд и пресуда, на дванаесет младинци од месноста Чаир до македонското село Ваташа. Бидејќи тоа се случило за време на бугарското владеење и е извршено од бугарската војска, Клубот за бугарско-македонско пријателство излегува со иницијатива за поклонение на паметникот до Ваташа“.
Присутни беа седуммина претставници на Клубот, меѓу кои и професорот Стефан Дечев, кој неодамна објави поголем текст во Софија за злосторството извршено од страна на бугарската војска во Ваташа во 1943 година. Во дружење со нив, разбрав дека сите тие виделе само добрина и пријателство од бројните посети на Македонија, па им биле смешни предупредувањата дека ние, Македонците сме насилни кон Бугарите. За да не ги вознемирам, не им кажав дека нѐ има и такви.
Тие, пак, за да не ме вознемират мене, не ми кажаа тогаш дека некој ја искинал и ја фрлил лентата од венецот што го положија, а на која пишуваше: „Никогаш повеќе – од Клубот за бугарско-македонско пријателство“.
БРАНОТ НА ОМРАЗАТА
Кога, на почетокот од 1990-тите почна да се тркала бранот на омразата меѓу народите на Југославија, Христијан Мицкоски, потенцијалниот премиер на Македонија, имал 13 години.
Малку знае дека една од причините за крвавите етнички војни беше и историското паметење на злосторствата извршени меѓу разните нации на Југославија. Тие емоции беа злоупотребени од политичари, кои, за да останат на власт или да се доберат до неа, посегнаа по екстремен национализам.
Малку знае и дека македонскиот официјален наратив беше сосема спротивен од националистичкиот. Нашите зборови укажуваа на предностите од заедничкиот живот со другите југословенски народи и на потребата, сега кога дојде време да се разделиме, тоа да го направиме на конференциска маса, како пријатели, а не како насилници.
По осамостојувањето, како млада држава и нација, нѐ чекаа нови искушенија: како да се разбереме со соседите и со минатото исполнето со насилство.
Но, опсесијата на неговата партија со нашето замислено далечно херојско минато направи да ја занемариме првата вистинска победа на македонскиот народ во текот на НОБ (и социјалистичката револуција, како што се велеше тогаш). Победа зад која стојат имиња и презимиња на луѓе, кои, во текот на заедничката борба со другите југословенски народи во Втората светска војна, ги дале своите животи за татковината.
Меѓу нив се и имињата на младинците од Ваташа. Нив ги заменивме со имиња на незнајни владетели од антиката. Хероите од блиското минато, пак, полека падна во заборав. Нивната организација на Сојузот на борците од НОБ беше избркана од своите простории во Скопје, а партизански песни не се емитуваа на радио, ни на телевизија.
Во тие години, се фаќав себеси како го спуштам гласот, кога, со гитара во раце, пеев партизански песни во бавчата во Езерски Лозја, крај Струга.
Антикомунизмот стана доминантен во Македонија дури и кога тој наратив одеше против нашата држава и нација. Вистинските херои беа заборавени, а нашиот идол, по кого се именуваа училишта, патишта и меѓународен аеродром, стана Александар Велики.
ТЕМНОТО МИНАТО
Не беа чуле за зборовите на еден истакнат претставник на партизанската генерација дека без нивното дело немаме на што да стоиме. Така, без сигурна почва под нозете, која ја поставија комунистите, тие што ја разрешија столетната дилема дали постои или не постои македонска нација, потонавме длабоко во темното минато.
Не умеејќи да ја доведат својата приказна во ред, дури и политичките репрезенти на социјалдемократите, некогашните наследници на СКЈ и СКМ, почна да ги имитираат националистите, употребувајќи го зборот „комуњари“.
Така, со заедничка негрижа, не го апсолвиравме нашето комунистичко минато согласно вистината, која налага некаде и ние да бараме прошка. Следеше вандализирање на спомениците на партизанската генерација, чии животи беа цената на нашата слобода.
Меѓу запустените партизански споменици беше и оној од Ваташа, во сеќавање на дванаесетте младинци убиени од бугарската окупациска војска. Уметничкото дело на Димитар Кондовски изработено од бакар е вандализирано.
Единствената утеха е дека тоа е најверојатно сторено од собирачи на железо заради преживување во времето на транзицијата, кога некои многу се збогатија, а некои многу осиромашија.
Слични инциденти имаше и во други делови на државата, каде што, веројатно за преживување, беа откорнувани бронзени бисти од нивните постаменти, па и во градскиот парк во Скопје.
Сѐ се промени кога во спорот со Бугарија, страшната судбина на младинците од Ваташа стана оружје во борбата против Бугарите, но и за освојување на власта дома.
Песната за младинците на учителот Лазар Манчевски, со која растеше мојата прва повоена генерација и која се здоби одново со популарност, ме врати во најраното детство. И ме изненади. Децении подоцна, емоциите се подеднакво силни, како злосторот да се случил вчера.
Старата рана се држела отворена зашто живеевме во заблуда дека извршителите не ги стасала правдата и дека виновен е бугарскиот народ. Всушност, и двата комунистички режими, барем во еден важен дел, се понеле согласно денешното поимање на правдата: вината да се индивидуализира.
Колку е тоа важно, знаеме од ваквиот приод на судот за Југославија, кој ги повика на одговорност и ги осуди воените злосторници со цел да ги помири народите.
НИКОГАШ ПОВЕЌЕ
Значи, постои и втор дел од трагедијата со стреланите младинци од Ваташа.
Историските факти велат дека, по војната, бугарската држава ги испорачала на југословенските власти извршителите на злосторството и дека и самите доживеале ужасен крај.
Според зборовите на првоборецот Раде Гогов, полковникот Апостолов, кој ја издал наредбата да се стрелаат ваташките младинци, е уапсен во Софија и е предаден на нашите власти.
Еве ги неговите зборови: „По налог на новата бугарска отечественофронтовска влада, го спровеле во Скопје, а потоа во Кавадарци. Кога за тоа разбрале мајките на стреланите деца, веднаш пристигнале во Кавадарци, влегле во затворот и за малку ќе го отепале.Тој е изведен пред народниот суд во зградата на монополот и е осуден на смрт со стрелање. Го воделе пеш кон Возарци на околу еден километар од градот, а војниците од народната одбрана одвај успеале да го спасат од народот. Кога му ги врзале очите и го наместиле пред ископаниот гроб, стотици камења летале кон него, врз човекот што не беше тоа. И другите виновници поминаа исто или слично. Поручникот Костов и Петко Оприков беа ликвидирани, додека Димитар Раев, Асен Богданов и Борис Жунгулов беа осудени на смрт во Скопје и стрелани“.
Доста е. Никогаш повеќе. Денес не треба веќе никој да клечи пред никого. Новите генерации Македонци и Бугари треба да си подадат рака и да се исправат во пријателство, достоинство и заемна почит, заедно со другите нации на демократска Европа.