Го држеа во синџири, а тој ги победи со вера – приказна што ќе ви ја разниша душата!
Денес, Православната црква го чествува Свети Василиј, презвитерот од Анкира, денешна Анкара во Турција, кој живеел и страдал во IV век, за време на тешките прогонства на христијаните.
Свети Василиј бил познат како голем ревнител на Православието и неуморен пастир на словесното стадо во Анкира. Во времето на цар Констанциј, жестоко се спротивставувал на аријанската ерес, а подоцна, кога на престолот дошол Јулијан Отстапник – римскиот император кој се одрекол од христијанската вера – Василиј храбро и јавно го разобличувал отстапништвото и ги крепел верниците во вистинската вера.
За неговата непоколеблива вера бил затворен, а кога царот Јулијан пристигнал во Анкира, Свети Василиј бил изведен пред него. И покрај заканите и ветувањата за почести и богатства, тој одбил да се откаже од Христа. Му рекол на царот: „Јас верувам во мојот Христос од Кого ти се одрече и Којшто ти го даде ова земно царство, но наскоро и ќе ти го одземе.“
Навреден од неговата храброст, Јулијан наредил Василиј да биде мачен секојдневно – од неговото тело да се деруваат ремени кожа. По неколку дена, изнемоштен но непокорен, Свети Василиј самиот симнал едно парче кожа и му го фрлил на царот, велејќи: „Земи и јади, Јулијане, ако ова јадење ти е слатко, а мене живот ми е Христос!“
Срамотен од реакцијата на народот кој се восхитувал на верноста на Василиј, Јулијан тајно го напуштил градот и се повлекол во Антиохија. Мачењата продолжиле, сè додека Свети Василиј не ја предал својата душа на Бога во 363 година, завршувајќи го својот живот како маченик и сведок на вистината.
Денес, верниците ширум православниот свет се сеќаваат на неговата несебична љубов кон Христа и неговата непоколеблива вера, молејќи се за застапништво и духовна сила во современиот свет. Иконите на Свети Василиј во храмовите и домовите сведочат за неговата храброст, а неговиот пример останува врежан во историјата на христијанството како симбол на вистинско духовно јунаштво.
Вечна му слава и милостив спомен!