09 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Свети Јован Богослов, еден од дванаесетте Христови апостоли, беше син на рибарот Заведеј и на Саломија, ќерка на праведниот Јосиф. Од својата младост, Јован беше човек со чисто срце и длабока вера. Кога Господ Исус Христос го повика да го следи, тој без двоумење ги остави својот татко и рибарските мрежи и заедно со братот Јаков тргна по Спасителот. Оттогаш, Јован никогаш не се одвои од својот Господ, туку остана верен следбеник до крајот на својот живот.
Свети Јован беше сведок на некои од највозвишените моменти од земниот живот на Христос. Заедно со Петар и Јаков, присуствуваше при воскреснувањето на Јаировата ќерка и на Преображението на Господа на гората Тавор. На Тајната Вечера, Јован ја положи својата глава на градите на Исус, со што покажа колкава беше неговата љубов и доверба кон Него.
Кога сите други апостоли се разбегаа при Христовото распнување, Јован остана под Крстот заедно со Пресвета Богородица. Тогаш Исус му ја довери својата Мајка, велејќи: „Еве ти Мајка“. Оттогаш, Јован ѝ служеше на Богородица со голема почит и грижа сè до Нејзиното успение.
По успението на Пресвета Богородица, свети Јован со својот ученик Прохор тргна да го проповеда Евангелието во Мала Азија, најмногу дејствувајќи во градот Ефес. Таму со љубов и мудрост ги утврдуваше верниците во вистинската вера.
Незнабошците, разгневени поради неговото учење, го врзаа и го испратија во Рим кај царот Дометијан. Таму Јован беше мачен и биен, но Божјата сила го зачува неповреден. Ни отровот што му го дадоа, ни зовриеното масло во кое го фрлија, не му наштетија. Царот, исплашен од чудото, го испрати во прогонство на островот Патмос.
Таму Јован го напиша своето славно Евангелие и книгата Откровение (Апокалипсата) – последната книга на Новиот Завет, во која се откриваат тајните на крајот на времињата и победата на Божјата вистина.
По смртта на царот Дометијан, новиот цар Нерва им даде слобода на сите прогонети, па Јован се врати во Ефес. Таму продолжи со својата проповед и духовно ги зајакнуваше христијаните.
Свети Јован доживеал длабока старост, над сто години, и мирно се претставил кај Господа. Кога неговите ученици подоцна го отворија неговиот гроб, не го најдоа неговото тело. Сепак, секоја година на 8 мај од неговиот гроб излегувал миризлив, лековит прав – знак на неговата светост и Божјата благодат.
Денес, Црквата го слави споменот на Свети Јован Богослов, апостолот на љубовта и еден од највозвишените сведоци на Христовата божествена слава. Неговите зборови „Бог е љубов“ остануваат вечен потсетник дека верата и љубовта се темелите на вистинскиот христијански живот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден