11 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На 11 септември православната црква го одбележува споменот на едно од најтрагичните и најсвети настани во христијанската историја – отсекувањето на главата на свети Јован Крстител. Овој празник е воспоставен во чест на црквата што ја изградиле светиот цар Константин и неговата мајка, царицата Елена, над гробот на Претечата во Севастија.
Ирод Антипа, синот на Ирод Велики – убиецот на витлеемските младенци, бил управител на Галилеја во времето кога свети Јован го проповедал покајанието. Иако бил оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета, Ирод ја протерал својата законита сопруга и беззаконо ја зел за жена Иродијада, вдовицата на својот брат Филип. Против овој неморален чин храбро се кренал свети Јован Крстител, јавно разобличувајќи го владетелот.
Поради тоа, Ирод го фрлил Јован во затвор. За време на еден пир во Севастија, ќерката на Иродијада – Салома, играла пред гостите и му угодила на Ирод. Опијанет и заслепен од страст, тој и ветил дека ќе и подари сè што ќе побара, па дури и половина од царството. По совет на својата мајка, Салома побарала нешто сосема друго – главата на свети Јован Крстител. Ирод, иако вознемирен, наредил да се изврши тоа. Свети Јован бил обезглавен во затворот, а неговата глава, положена на чинија, му била донесена на Ирод.
Учениците на Јован тајно го зеле телото и чесно го погребале, додека пак Иродијада, во знак на злоба, го избола јазикот на светиот Претеча и ја закопала главата на нечисто место. Подоцна, нејзината судбина, како и на Ирод и Салома, била обележана со Божја казна: пораз од кнезот Арета, прогонство и беда за Ирод и Иродијада, а трагична смрт за Салома.
Иако маченичката смрт на Јован Крстител се случила непосредно пред Пасха, празникот на неговото Отсекување се востановил на 11 септември, кога била осветена црквата во Севастија. Во неа биле положени и моштите на неговите ученици Елисеј и Авдиј. Денес верниците се сеќаваат на овој трагичен настан со пост и молитва, почитувајќи го подвигот на Претечата, кој храбро го сведочел Божјото слово до последниот здив.
BULGARIA 2025: НАТО и Бугарија покажаа единство и сила во справувањето со кризи
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден