27 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Светата православна црква денес ја одбележува Преподобна Параскева, позната во народот и како Света Петка. Овој празник, кој се празнува на 27 октомври, има особено место во православната традиција, бидејќи во народното предание постојат три светителки со истото име – Параскева-Петка, поради што често доаѓа до мешање на нивните животи. Најпозната меѓу нив е токму Петка Трновска, чиј спомен денес се слави.
Името Параскева значи „подготовка“. Во старозаветните времиња, петокот бил ден на подготовка пред саботата – денот на одмор и празнување. Според тоа, и светителките што го носеле ова име биле наречени така бидејќи се родиле во петок или поради симболиката на духовната подготовка.
Света Петка Трновска е родена во Епиват, во Тракија, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на 10 век. Нејзините родители биле побожни луѓе кои ги воспитувале децата во вера и добрина. По нивната смрт, младата Параскева заминала во Јорданската пустина, каде живеела во пост, молитва и плач, посветена целосно на Бога.
Се хранела скромно – само еднаш дневно, навечер, со растителна храна од пустината. Ѓаволот се обидувал на различни начини да ја искуша, дури и појавувајќи се во форма на ѕвер, но не успеал да ја поколеба нејзината вера.
Кога остарела, ѝ се јавил ангел Господов и ѝ рекол дека е време да се врати во родното место, бидејќи ѝ се приближува крајот. Послушна на Божјата волја, таа се вратила во Епиват, каде набргу починала. Бидејќи никој не ја познавал, жителите ја погребале одделно, како странец, покрај морскиот брег.
По некое време, морето исфрлило тело на патник, кое почнало да се распаѓа и да шири непријатен мирис. Кога жителите почнале да копаат за да го закопаат, наишле на нетленото тело на Света Петка, но не сфатиле дека тоа е свето тело и го погребале заедно со патникот.
Ноќта по погребот, човек по име Ѓорѓија сонил видение во кое му се јавила царица со светли војници и му наредила да ги раздвојат телата, бидејќи Господ сака да ја прослави преподобната своја слугинка. Истото видение го имала и една жена. Утрото, жителите ги послушале нивните сведоштва и со голема свеченост го откопале телото на Света Петка, кое било положено во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.
Моштите на Света Петка низ вековите биле преместувани на повеќе места, особено во времиња на војни и освојувања, за да бидат сочувани од Турците. Од 1641 година тие почиваат во Романија, во градот Јаш, во црквата „Три светци“, каде и денес се предмет на голема почит и поклонение од верниците ширум православниот свет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

