09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска Православната Црква го празнува Преносот на моштите на свети Јован Златоуст, еден од најголемите црковни отци и боговдахновени проповедници, познат како „златната труба на православието“. Споменот на овој светилник на Црквата се одбележува и на 13 ноември и на 30 јануари, но денешниот празник е посветен на преносот на неговите чесни мошти.
Свети Јован Златоуст се упокои во прогонство, во ерменското село Комане. Триесет години по неговата смрт, патријархот Прокло, негов духовен ученик и наследник по дух, одржа силен и трогателен говор во негова чест. Со тој говор тој ја разгоре љубовта и почитта на народот и на царот Теодосиј Помладиот кон големиот светител, така што се роди општата желба неговите мошти да бидат пренесени во Цариград.
Преданието раскажува дека ковчегот со моштите не можел да се помрдне од местото сè додека царот не му напишал покајно писмо на свети Јован, молејќи го за прошка. Причината за ова покајание била вината на неговата мајка, царицата Евдоксија, која имала значајна улога во прогонството на светителот. Кога писмото било положено врз ковчегот, тој чудесно станал лесен и можел да биде пренесен.
За време на свечениот пренос, мнозина болни кои се допреле до ковчегот со моштите на свети Јован Златоуст добиле исцеление, сведочејќи за неговата благодат и по смртта. Кога моштите биле внесени во црквата на Светите Апостоли и поставени на патријаршискиот престол, според преданието, народот јасно ги слушнал зборовите што произлегле од усните на светителот: „Мир на сите!“
Преносот на моштите на свети Јован Златоуст бил извршен во 438 година, а овој настан останал длабоко врежан во црковната историја како сведоштво за силата на покајанието, простувањето и светоста на еден од најголемите учители на Православната Црква.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

