27 март 2026
• од Гоце Кически
Свети Бенедикт е еден од најзначајните христијански подвижници и духовни учители, роден во Нурсиската област во Италија во 480 година, во угледно и богато семејство. Иако бил испратен на школување, рано сфатил дека световното знаење може да ја оттурне душата од вистинската мудрост. Затоа ги напуштил школите и тргнал по патот на духовното совршенство, станувајќи „ненаучен мудрец и разумен незнајко“.
Во потрага по подлабок духовен живот, се повлекол во еден манастир каде што примил монашки чин од монахот Роман. Потоа заминал во осамена и недостапна гора, каде што три години живеел во пештера, посветен на молитва и подвиг. Во тој период, Роман му носел леб, спуштајќи го со јаже од стрмна карпа до влезот на пештерата.
Кога неговата светост и подвиг се прочуле, Бенедикт, бегајќи од човечката слава, го напуштил тоа место. Бил познат по својата строгост кон себеси и по духовната борба. Во една прилика, за да се ослободи од искушението, се валкал по коприви и трња сè додека не ја победил страста.
Бог го дарувал со многубројни духовни дарови. Свети Бенедикт бил прозорлив, исцелувал болни, изгонува демони и дури воскреснувал мртви. Познат е и случајот кога ја благословил чашата со отровно вино, по што таа се распукала.
Тој основал дванаесет манастири, секој со по дванаесет монаси, поставувајќи темели на монашкиот живот на Запад. Подоцна од неговото учење произлегол бенедиктинскиот ред, кој и денес постои во рамките на Римокатоличката црква.
Шест дена пред својата смрт, Свети Бенедикт го предвидел својот крај и наредил да се отвори неговиот гроб. Ги собрал монасите, им дал последни поуки и мирно Му ја предал својата душа на Бога во 543 година, кому верно Му служел во сиромаштија и чистота.
Неговата сестра, Схоластика, исто така била посветена на монашки живот и достигнала големо духовно совршенство, следејќи го примерот на својот брат.
По неговото упокојување, двајца монаси имале истовремено видение на пат што води од земјата до небото, украсен со светлина и скапоцени ткаенини. На врвот стоел величествен човек кој им открил дека тој пат е подготвен за Бенедикт, омилениот Божји слуга. Така тие дознале дека нивниот игумен се преселил во вечноста.
Свети Бенедикт останува симбол на духовна мудрост, смирение и монашка дисциплина, чие дело и денес има силно влијание врз христијанскиот свет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

