25 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Преподобен Теофан Исповедник, светител познат по својата длабока вера, подвижништво и непоколеблива одбрана на светите икони.
Теофан бил наречен Сигријан, по местото Сигрија каде што е роден. Потекнувал од угледно и богато семејство и бил роднина на византискиот цар Лав Исавријанин и неговиот син Копроним. Уште од младоста живеел во раскош и изобилство, но кога во неговата душа се зацарила љубовта кон Господ Исус Христос, материјалното богатство за него целосно ја изгубило својата вредност.
Иако се спротивставувал на бракот што му бил наметнат, сепак бил принуден да се ожени. Но, успеал да ја убеди својата сопруга да живеат во духовна чистота, односно девствено, иако формално биле во брак. По смртта на неговите родители, двајцата се разделиле и тргнале по монашки пат – неговата сопруга во еден манастир, а Теофан во друг.
Се замонашил во Сигријанските Гори, во Кизичката област, каде што живеел во крајна скромност и сиромаштија, спротивно на својот поранешен живот. Неговата преобразба предизвикувала восхит кај сите што го познавале. Со својата силна вера, воздржливост и мудрост, стекнал голем углед, па бил повикан да учествува на Седмиот Вселенски Собор во Никеја, каде што се утврдила почитта кон светите икони.
Бог го дарувал со чудотворна сила, па лекувал разни болести, особено душевни растројства. Непрестано се молел за болните и страдалните, помагајќи им со искрена вера и молитва. Кога самиот се разболел, не барал исцеление, туку со благодарност ја поднесувал својата болест, покажувајќи пример на смирение и трпение.
За време на новото гонење на иконопочитувачите од страна на царот Лав Ерменин, Теофан бил уапсен и затворен во Цариград. Таму поминал две години во тешки маки и понижувања. Потоа бил испратен во прогонство на островот Самотраки, што тој однапред го предвидел и им го соопштил на чуварите.
На Самотраки живеел уште само дваесет и три дена, по што се упокоил и се преселил кај својот Господ, примајќи го венецот на вечната и невенлива слава.
Неговиот живот останува силен сведок за верата, жртвата и духовната преобразба, како и пример за непоколебливост во одбрана на христијанските вредности.
Бугарија влегува во елитата на европскиот мотоспорт со нова тест-писта за Формула 1
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

