22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска православната црква го празнува споменот на Светиот маченик Полиевкт, еден од првите и најславни сведоци на христијанската вера во градот Мелитина, во древна Ерменија. Овој град, како и целата ерменска земја, е длабоко натопен со крвта на христијанските маченици, но токму Полиевкт е првиот кој ја запечатил својата вера со животот.
Во времето на царувањето на римскиот цар Валеријан, околу 259 година, во Мелитина служеле двајца блиски пријатели и офицери – Неарх и Полиевкт. Неарх веќе бил крстен христијанин, додека Полиевкт сè уште не ја примил христијанската вера.
Кога била издадена царската заповед за сурово гонење на христијаните, Неарх со мир и решителност се подготвувал за маченичка смрт. Но во неговото срце имало длабока тага – што не успеал да го доведе својот најблизок пријател Полиевкт до Христа.
Откако дознал за болката на Неарх, Полиевкт му ветил дека ќе ја прими христијанската вера. Утредента му раскажал силен и пророчки сон: му се јавил Господ Исус Христос во светлина, ја симнал од него старата облека и го облекол во нова, блескава, а потоа го поставил на крилест коњ – симбол на духовна победа и небесно призвание.
Овој сон бил пресуден момент во животот на Полиевкт.
Веднаш по тоа, Полиевкт храбро излегол во градот, јавно ја искинал царската заповед за мачење на христијаните и ги искршил идолските статуи. Со овој чин тој отворено ја исповедал својата вера во Христа.
Бил фатен, жестоко мачен и на крај осуден на смрт. Кога го воделе кон губилиштето, Полиевкт го здогледал Неарх меѓу народот и радосно му викнал:
„Спасувај се, драг пријателу! Сети се на заветот на љубовта што се утврди меѓу нас.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

