02 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска се празнува Преподобен Ефтимиј Велики
Православната црква денеска го чествува споменот на Преподобен Ефтимиј Велики, еден од најголемите подвижници и духовни светила на христијанството од IV и V век. Неговиот живот претставува пример за длабока вера, смирение, љубов и целосно предавање на Бога.
Преподобен Ефтимиј е роден околу 377 година во ерменскиот град Мелитина, во близина на реката Еуфрат. Потекнувал од благородно и угледно семејство и бил единствен син на својата мајка Дионисија. Неговото раѓање било плод на долги и искрени молитви, а според преданието, мајка му имала и небесно видение кое го навестило неговото доаѓање на свет.
Уште од најрана младост, Ефтимиј го избрал патот на подвигот и духовниот живот. Најпрво се подвизувал во близина на својот роден град, а на дваесет и деветгодишна возраст го посетил Ерусалим и се населил во пустината меѓу Ерусалим и Јерихон, во местото наречено Фара. Таму, далеку од светската врева, деновите и ноќите ги минувал во молитва, созерцание, богомислие и строг телесен подвиг.
Неговата духовна сила и пример привлекле многу ученици, меѓу кои подоцна се истакнале и големи светители како Киријак Отшелник, Сава Освештен и Теоктист. По Божја благодат, Свети Ефтимиј бил и голем чудотворец: изгонуваше демони, лекуваше тешки болести, изведе вода во пустината, умножуваше леб и пророкуваше.
Како духовен отец, ги поучувал монасите на трудољубие и смирение. Често велел: „Ако го јадете својот леб без труд, значи дека јадете туѓ труд“. На оние што сакале прекумерно да постат и со тоа да се истакнуваат пред другите, им забранувал да седат на заедничката трпеза, за да ги заштити од гордост. Укажувал и на опасноста од постојано менување на местото на живеење, поучувајќи: „Дрвото кое често се пресадува не носи плодови“.
За љубовта зборувал како за темел на сите добродетели, велејќи: „Тоа што е солта за лебот, тоа е љубовта за другите добродетели“. Во текот на Првата недела од Чесниот Пост, се повлекувал целосно во пустината, каде што останувал во молчание и молитва сè до пред Велигден.
Во негово време, во негова близина се развила голема лавра која со векови била исполнета со монаси, „како кошница со пчели“. Неговата последна заповед била манастирот секогаш да го чува гостољубието и портата никогаш да не се затвора.
Преподобен Ефтимиј Велики се упокоил мирно во 473 година, во деведесет и седмата година од животот. На неговиот погреб присуствувал и јерусалимскиот патријарх Анастасиј, кој чекал цел ден додека огромното мноштво верници не му се поклонило на светителот. Седмиот ден по неговата смрт, Свети Ефтимиј му се јавил на својот ученик Дометијан, светол и радосен, потврдувајќи дека навистина бил син на светлината.
Неговиот живот и денес остануваат живо сведоштво за силата на верата, љубовта и смирението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

