05 април 2026
• од Вардарски
Денес е Цветници: Што се крие зад значењето на празникот кој е предвесник на Велигден?
Денес православните верници го одбележуваат празникот Цветници, познат и како Цветоносна недела или Врбица – еден од најзначајните денови во христијанскиот календар, кој секогаш се празнува во неделата пред Велигден.
Овој подвижен празник го симболизира свеченото и славно влегување на Исус Христос во Ерусалим – настан што претставува увертира во неговите последни денови пред распнувањето и воскресението. Со тоа, Цветници не е само празник на радост, туку и длабока духовна најава за страдањето и спасението што следуваат.
Според библиските сведоштва, Христос влегол во Ерусалим качен на магаре – симбол на мирот и понизноста кај источните народи, за разлика од коњот кој бил поврзан со војна. Овој чин ја отсликува суштината на неговата мисија – да донесе мир и духовно спасение.
Народот го пречекал со воодушевување, постилајќи облека по патот и фрлајќи маслинови и палмови гранчиња, поздравувајќи го со зборовите: „Осана на синот Давидов! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!“ Токму од овие симболи на почит и радост произлегува и името на празникот – Цветници.
Во македонската традиција, наместо палмови гранчиња се користат врбови гранчиња, поради што празникот е познат и како Врбица. Тие се осветуваат во црквите и се носат дома како благослов и заштита.
На Цветници му претходи Лазарова сабота (Лазарица), ден посветен на чудото на воскресението на Лазар од Витанија. Според преданието, Лазар починал во саботата, а Христос го воскреснал во неделата, што дополнително го нагласува значењето на празникот како симбол на победата над смртта.
Цветници се празнуваат уште од најраните христијански времиња, а нивното востановување датира од третиот век. Денес, овој празник ги обединува верниците во молитва, радост и надеж, потсетувајќи нè на вредностите на мирот, љубовта и духовното обновување.
Како вовед во Страсната седмица, Цветници нè повикуваат на размислување, смирение и подготовка за најголемиот христијански празник – Велигден.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

