18 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение реагираше на навредливите изјави на Миленко Неделковски, упатени кон жени, со барање за негово санкционирање и итно разрешување од раководната структура на ФК Вардар.
СДСМ потсетува дека случајот се случува во исклучително чувствителен период, кога Македонија е потресена од серија фемициди и зачестени случаи на семејно насилство. „Мајки, сестри и ќерки живеат во страв поради неспособност на институциите,“ наведуваат од партијата, додавајќи дека во таква атмосфера јавните личности имаат уште поголема одговорност во своето јавно однесување.
Неделковски, познат како поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, според соопштението, упатил навреди кон членка на СДСМ. Партијата нагласува дека ова не е прашање на политички спротивставувања, туку на почитување на достоинството и безбедноста на жените во општеството.
СДСМ очекува јавна осуда не само од политичките партии, туку и од граѓанските организации, медиумските здруженија и јавните личности. „Молкот е соучесништво, а премолчувањето значи охрабрување на насилството,“ порачуваат од партијата.
Специјално нагласено е барањето до управата на ФК Вардар – најтрофејниот фудбалски клуб во земјата – да се дистанцира од Неделковски и да го разреши од функцијата. „Ниту спортот, ниту спортските работници, ниту навивачите, граѓаните не заслужуваат човек кој шири омраза и навреди да биде претставник на клубот,“ стои во соопштението.
Форумот на жени на СДСМ најавува и поднесување на официјална пријава против Неделковски. „Ние нема да молчиме пред навреди, закани и омаловажувања кон жените. За секоја жена, за секое семејство, за достоинствено општество,“ завршува партијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден