12 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
На плоштадот „Македонија“ и долж кејот на Вардар во центарот на Скопје е забележана употреба на хемиска течност со ознака UN 1760 – „Corrosive Liquid, N.O.S.“, што според меѓународните стандарди припаѓа на класа 8 – корозивни материи.
Фотографии и видеа снимени на лице место прикажуваат канистер со јасно истакната ознака за корозивност, предупредувачки симбол и натпис дека течноста е опасна при контакт со кожа и метали. Овој тип на хемикалија, според индустриските стандарди, најчесто се користи за индустриско чистење, и може да содржи натриум хидроксид, силни киселини или други агресивни состојки.
Иако е можно средството да се користи во разредена форма, експерти предупредуваат дека дури и минимален контакт со вакви супстанци може да биде штетен за здравјето, особено доколку не се користи заштитна опрема или не се следат пропишаните безбедносни процедури.
Неколку минувачи изјавиле дека често чувствуваат остар и непријатен мирис за време на чистењето, и дека работниците ретко користат заштитни маски или ракавици, ниту пак се поставени предупредувачки табли кои би ги информирале граѓаните за можните ризици.
„Гледаме како се мие плоштадот со некоја пена, а воздухот станува тежок за дишење. Никој не кажува што е тоа и дали е безбедно“, велат дел од жителите.
Досега ниедна надлежна институција не се огласила околу прашањето дали оваа хемикалија е официјално одобрена за употреба на јавни површини. Не е познато ниту дали постои еколошка дозвола за нејзино испуштање во канализација, што може да има долгорочни последици врз животната средина и водниот екосистем во реката Вардар.
Експертите апелираат дека секоја употреба на опасни или корозивни супстанци во урбани средини мора да биде транспарентна, со јасни безбедносни протоколи, соодветна заштита за работниците, и информирање на јавноста.
Додека јавноста очекува одговори, останува прашањето – зошто и со чие одобрение во центарот на главниот град се користи корозивна течност со ознака UN 1760?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

